Претставници на властите на Малта нема да присуствуваат на погребот на новинарката Дафне Каруана Галиција, која беше убиена во експлозија на автомобилот минатиот месец.
Ова го побарало семејството на една од најпознатите истражувачки новинарки.
Погребот на новинарката која ја истражуваше корупцијата на високите владини функционери ќе биде подоцна денеска.
На Малта е прогласен Ден на жалост.
На претседателката на Малта Мари Луис Колеиро Прека и било кажано преку посредник дека семејството на убиената новинарка смета дека нејзиното присуство на погребот „не е пожелно“, соопштено е од Кабинетот.
Портпаролот на премиерот Џозеф Мускат изјави дека семејството на новинарката објавило дека не сака присуство на државните власти на погребот.
Засега никој не е уапсен за убиството на новинарката, а на малтешките истражни органи им се приклучија и меќународни експерти меѓу кои и од ФБИ.
Владата на Малта понуди еден милион евра награда за информација во врска со убиството.