Пејачката Мараја Кери е тужена за кршење на авторски права поради нејзиниот божиќен мега-хит од 1994 година, All I Want for Christmas is You. Текстописецот Енди Стоун вели дека напишал песна со истото име пет години претходно и дека Кери ја искористила неговата „популарност“ и „стил“.

И покрај тоа што имаат ист наслов, двете песни изгледаат музички различни, но Стоун тврди дека Кери предизвикала конфузија за неговата песна и не побарала дозвола.

All I Want for Christmas is You на Мараја Кери е еден од најпознатите божиќни хитови на сите времиња. Откако се појави на албумот Merry Christmas во 1994 година, тој беше на врвот на топ листите во неколку земји и до 2017 година, наводно, и донел на пејачката заработка од над 60 милиони долари. Песната е емитувана милијарда пати на Spotify.

Во неодамнешните мемоари, Кери напиша дека „поголемиот дел од песната го компонирала на евтина мала тастатура Casio“. Стоун, кој настапува под името Винс Венс со бендот Винс Венс и Валијантс, бара отштета од најмалку 20 милиони долари.

Во тужбата тој вели дека Мараја Кери, ко-авторот на песната Валтер Афанасиеф и издавачката куќа Sony Music Entertainment, заработиле „незаслужена добивка“ од песната, и дека свесно и намерно му ги прекршиле авторските права.

Не е јасно зошто тужбата е поднесена дури сега, 28 години по објавувањето на песната на Кери. Во тужбата се вели дека адвокатите на Стоун првпат контактирале со Кери и другите обвинети минатата година, но „не можеле да се договорат“.

Канцеларијата за авторски права на САД има 177 записи на својата веб-страница под наслов All I Want for Christmas is You.