Томи Стефановски (45) е првиот македонски станар во „Куќата на славни“ во маратонско пливање што егзистира од 1963 година. Признанието му беше врачено ноќеска во нејзиното седиште на Флорида, САД. Лауреати за 2016 година, покрај него, се и Атила Манјоки од Унгарија, Клое Мекардел од Австралија, Британецот Чарли Гравет и Американецот Дејвид Џудовин.

Второпласираниот во гран при серијата од 2014 година на Меѓународната пливачка асоцијација (ФИНА) и херојот на Ла Манш од 2009 година, Томи Стефановски, е примен во „Куќата на славните“ за придонесот во маратонското пливање во долгата кариера. Како највозрасен учесник во серијата на кратки и долги маратони ја доби честа да биде меѓу славните благодарение на неговиот карактер, упорност, издржливост и отпорност и покрај бројните операции што не го поколебаа во битката со брановите.

Стефановски е шести маратонски пливач од регионот, вкупно 248, во Куќата на славни во САД по неговиот добар пријател и тренер, Бугаринот Петар Стојчев, Хрватите Вељко Рогошиќ и Вицко Шолјан, Словенецот Мартин Стрел и Србинот Воислав Мииќ.