На 20 август по трет пат ќе се гласа за избор на градоначалник на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Повторениот изборен процес е поради тоа што на октомвриските локални избори минатата година, не беше обезбеден цензус, бидејќи гласаа само 25 отсто од избирачите. Потоа во април повторно беа распишани избори, но во Маврово и Ростуше не се одржаа, откако од изборната трка се откажа единствениот кандидат Медат Куртовски, а во Центар Жупа не беа успешни, оти повторно немаше цензус. Немањето цензус, според Куртовски се должи на иселеноста на жителите на општината во западно – европските земји.
„Инаку над 90 проценти од присутното население во општината излезе на гласање. Во ваков случај се повторува целата изборна постапка а владата назначува повереник. Владата на Република Северна Македонија на седница одржана на 09 ноември 2021 донесе одлука за именување повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалник на општината. Оттогаш нема избран градоначалник туку повереник“, вели Куртовски.
Откако не успеаја изборите на 17 октомври 2021 година беа распишани нови избори. Но и вторите избори не беа успешни. За третите избори Куртовски вели дека повторно ќе поднесе кандидатура и се надева дека овој пат ќе биде постигнат цензус и ќе се избере градоначалник.
На јавна седница, ДИК едногласно и без расправа одлучи дека нема потреба од трошоци за организирање избори во ситуација кога до истекот на рокот, во Општинската изборна комисија не пристигнала ниту една кандидатура. На изборите на 17 април 2022 била поднесена кандидатура само од Куртовски како кандидат на СДСМ и коалиционите партнери, но истата потоа беше повлечена.
„Политичката партија ВМРО ДПМНЕ не поднесе кандидатура и заради тоа но и заради нивните најави за бојкотирање на изборите ние решивме да ја повлечеме и нашата кандидатура за да не се прават трошоци“. Бидејќи немаше друга кандидатура ние решивме да ја повлечеме нашата затоа што изборите немаше да бидат успешни поради бојкот од другата страна. Со оглед дека и ние ја повлековме кандидатурата и немаше кандидати ДИК мораше да донесе одлука да не се организираат избори“, додава Куртовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ на Општина Маврово и Ростуше пак, велат дека Владата на Македонија, спротивно на моралните принципи во смисла на фер и демократија, го поставила кандидатот Куртовски, за владин повереник за да може да ја поправи лошата слика за функционирањето на Општината и за неуспешно реализираните проекти.
„Видлив е начинот на нивното функционирање, со злоупотребите кои ги прават преку Советот на Општината, каде што носат одлуки под маска на некаква си помош за социјални случаи, а во суштина се врши злоупотреба на средствата на граѓаните, за поткуп на гласачи“, велат оттаму.
Според нив, повторените локални избори се неуспешни затоа што, претседателот на Собранието, ги распишал за 18 април 2022 година, без никаква консултација со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, односно истите избори повторно не успеаја поради тоа што биле распишани во период кога на територијата на Општината, дома присутни имало помалку од 3000 гласачи.
„Во проценти по претпоставка сите да би гласале ќе биде процент помал од 30 отсто од вкупниот број на избирачи запишани во Избирачкиот список, каде се вкупно запишани нешто повеќе од 10000 гласачи, а за изборите да бидат успешни согласно изборниот законик, потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од вкупно запишаните лица во избирачкиот список, па со оглед дека ние како политичка партија имавме направено анализа, одлучивме да не пријавиме кандидат за градоначалник за повторените локални избори“, додаваат тие.
Но, и Куртовски и од ВМРО-ДПМНЕ на Општина Маврово и Ростуше се оптимисти дека на изборите закажани на 20 август ќе биде постигнат цензусот и ќе се избере градоначалник бидејќи во овој период од годината печалбарите се враќаат во својата татковина а сочинуваат над 60 проценти од населението кое живее и работи во западно европските земји.
Во меѓувреме започна рокот за пријавување кандидати за советници во Општина Тетово. Од Државната Изборна Комисија потсетија дека уште трае јавниот увид.
-Увидот е започнат е на 25 јуни и ќе трае до 14 јули, значи 20 дена. Собирањето на потписи пак, за предлагање на листи на кандидати е започнато на 20 јуни, и ќе трае до наредната недела, до 4 јули, исто во подрачните одделенија на ДИК во Гостивар, за Маврово и за Центар Жупа, соопштија оттаму.
Маја Терзиова