Австралиската полиција соопшти дека возачот на автомобилот извршил намерен напад врз случајни минувачи во центарот на Мелбурн, при што се повредени 13 луѓе.
Мотивите засега се непознати. Нападот беше извршен среде вечерниот сообраќаен шпиц во центарот на градот. Возачот на автомобилот и уште едно лице се уапсени, соопшти полицијата на австралиската сојузна држава Викторија.
Очевидци за радиото „Тен Нетворк“ изјавија дека возачот поминал на црвено светло и со брзина од околу 100 километри на час, влетал во минувачите на пешачки премин. Местото на нападот било полно со луѓе, поради божиќните празници и купувачи, а помеѓу повредените има и деца.
Случајот наликува на инцидентот од јануари годинава, кога на истото место во минувачи влета друго возило.Повредени беа 30 луѓе, а загинаа шест луѓе. Возачот е обвинет за шесткратно убиство. Меѓутоа случајот не се третира како терористички напад.