Судењето за „Тортура“ денеска беше одложено поради отсуство на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Судот, како што беше посочено, не добил доказ за уредна достава на поканата за Мијаков за денешното рочиште.
Обвинителите од СЈО побараа поканите да му се доставува во четврток, кога Мијалков се пријавува во Кривичниот суд. Судењето е одложено за 7 мај. Адвокатот на Мијалков, Шврговски рече дека Мијалков ја сменил адресата и дека судските покани треба да му се доставуваат на новата адреса. Шврговски посочи дека Мијалков сега живее на Водно, но точната адреса на неговиот клиент не ја знае.
„Тортура“ се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Во „Тортура” обинети се поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата за апсењето на Бошковски.
Постапувајќи по жалбата на СЈО, Апелацискиот суд го преиначи првостепеното решение и го одобри обвинението против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Минатото рочиште во февруари беше одложено токму поради ова решение кое се уште се чекаше.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.