Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ја прифати средбата со мандатарот Димитар Ковечевски само доколку темата за предвремени парламентарни избори биде ставена на маса, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека официјална покана за средба се уште не е пристигната.
„Доколку има таква покана, средбата би била прифатена под услов да се разговара за следниот дневен ред: предвремени парламентарни избори како единствено оддржливо и кон граѓаните одговорно решение, содржината на одговорите на прашалникот 5 плус 1 кон Бугарија и позициите на Македонија и точка разно во која би спаѓало и разговор на темата сузбивање на криминалот и корупцијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатарот Димитар Ковачевски во вчерашното гостување во „Топ Тема“ на Телма рече дека по формирање на новата Влада ќе упати покана за средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на која би се разговарало за актуелните прашања, вклучително и за носење на законите кои се од интерес на граѓаните.
Ковачевски откри и дека вечерта кога бил избран за претседател на СДСМ, а Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, двајцата лидери се слушнале телефонски и договориле средба по изборот на новата Влада.
Инаку, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 29 декември рече дека доколку добие покана за средба со Ковачевски ќе ја прифати, додавајќи дека легитимитетот новата Влада сепак треба да го добие на избори.
(Б.Б.)