Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во општина Чашка на граѓаните им порача да си го постават прашањето дали сега живеат најдобро, додавајќи дека тој одговор кажува каква одлука треба да донесат на 17-ти октомври.

-Секој еден од вас треба да одговори на прашањето дали живеете најдобро? Тој одговор го слушам дека не е насекаде низ Македонија така, дека не само што луѓето не живеат најдобро, туку никогаш не било полошо. Овие избори се локални, но со едно суштинско и подлабоко значење, бидејќи од вашиот избор, од вашата одлука зад параванот зависи колку сакате да се променат работите. Изборот се сведува на тоа дали ќе ја дозволите нивната ароганција со која ви велат дека се најдобри, тогаш кога се најлоши, да продолжат разочарувањата, неисполнетите ветувања, убавите лажни зборови кои носат болна иднина, или заедно ќе почнеме процес на промени, вели Мицкоски.

-Ќе дадете шанса да создаваме заедно новa, поубава иднина заoснована на реални потреби и да покажеме сите заедно дека зборот вреди. Да го менуваме системот, да не се потргнуваме настрана пред оние кои не знаат, не можат и не сакаат да ја видат Македонија успешна, изјави Мицкоски.
Мицкоски еден дел од говорот во Чашка го посвети на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, кого го спореди со Луј 14.
– Додека народот го истура својот род, тој се вози со ново патничко возило од марката БМВ кое чини 100.000 евра.Од неговите патувања во странство она што му оставило впечаток е како што самиот говори дека имало црвени килими. И тука прашањето е што има Македонија од твоите црвени килими,освен блокада, ред тапшања по рамо, и извештаи дека сме хибриден режим? Тој всушност е еден мал Луј 14-ти само во една современа балканска верзија кој се раководи според принципот државата тоа сум јас, изјави Мицкоски.
На митингот се обрати и кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за општина Чашка, Зоран Здравевски.
-Општината Чашка повеќе нема да биде приватна сопственост како до сега, туку ќе има две нови индустриски зони за нови работни места, јавно претпријатие за локални патишта, реконструкција на сите основни училишта, крај на дивите депонии, урбанистички планови за сите населени места, меѓународен фолклорен фестивал и многу повеќе за решавање на сите проблеми на граѓаните во општина Чашка. Ви ветувам како иден градоначалник на Општина Чашка дека мој приоритет ќе биде вработувањето и изнаоѓање егзистенција на младите, општината повеќе нема да биде приватна сопственост, туку сите заедно ќе придонесеме за нејзино разубавување, истакна Здравевски, набројувајќи ги планираните проекти за Чашка.
-Формирање на јавно претпријатие на сите локални патишта, на територија на општина Чашка, со формирање на јавното претпријатие ќе се обезбеди редовно, навремено, тековно и зимско одржување на локалната патна мрежа на територијата на општина Чашка. изјави Здравевски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски одржа митинг во Градско од каде порача дека не биле сите исти, Дека неговата партија нуди проекти а СДСМ не нуделе ништо.
-Овие избори се нешто повеќе од локални избори. Овие избори не се само да се смени актуелниот градоначалник кој камче нема помрднато овие 4 години,  овие избори се референдум за тоа каде ќе се движи Македонија во следните 4 години. На овие избори одлучуваме дали на Македонија ќе и се случат промени или ќе се даде можност за Заев да владее уште 4 години. Потребна е масовна излезност на 17 октомври. Останувањето дома е практично глас за Зоран Заев, изјави Николовски во Градско каде беше претставен и кандидатот за градоначалник и носителот на советничката листа.
На вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во општина Градско, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Киро Нацков, истакна дека неговото внимание ќе биде насочени кон младите затоа што вложувањето во нив е нужно во време на масовно иселување, вети дека ќе има бесплатна градинка  за секое дете, стипендии за најдобрите, бесплатни оброци за основците, екскурзии за пензионерите,а најави и ревизија на работењето на локалната власт.
-Во изминатиов период имав прилика да се сретнам со голем број на луѓе, да ги слушнам нивните приказни од секаков аспекти, навредите, манипулациите, закани кои ги доживуваат граѓаните на Градско, денеска најново кај ромското население со кинење на социјалната помош, закани од институциите на вработените од министерство за внатрешни работи, министерство за одбрана и други институции, поткупи, а власта тука не разговара за проекти и како да се натпреварува културно, туку се фали дека имаат многу пари и со поткуп и закани ќе победеле, критикуваше Нацков.
Претходно коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го посети Росоман, каде беше претставен кандидатот за градоначалник Тихомир Николов, кој ги наброја планираните проекти за Росоман и околните населени места.

-Изградба на нов базен за вода за пиење, независно од Лукар за потребите на жителите на општина Росоман;

-Безплатен оброк за секој ученик од I-vo до IV-то одделение;
-Изградба на нова детска градинка за 40 деца во Росоман;
-Изградба на мини трговски центар и мини парк во централното подрачје на Росоман на местото викано Плочата;
-Реновирање на домот на културата со нови седишта ново современо озвучување и 3Д Кино;
-Изградба на атмосферска канализација и нова фекална канализација во долниот дел на Росоман;
-Целосно преземање на ФК Росоман 83 и останатите спортови и обезбедени финансии од општинскиот буџет;
-Реконструкција на улиците во Росоман: Пере Тошев , Никола Карев, Илинденска, Стерио Несторов, Пролетерска , Цандо Кузманов, Страшо Пинџур, 11 Октомври и Гоце Делчев;
-Во Паликура е предвидено проширување на патот Росоман-Паликура, уредување на просторот околу црквата, ископ на нов бунар за вода, како и одводнување на повеќе места;
-Во Крушевица е предвидено доградба на фекална канализација и изградба на резервоар за вода;
-Во Рибарци е предвидена реконструкција на улици и одводнување на природни води;
– Во Сирково освен асфалтирање на улици и изградба на тротоари ќе се пренамени и парното греење во училиштето кое ќе биде на пелети, а предвидено е и адаптирање на простории за детска градинка , и други.