Овие избори се локални, но со едно посуштинско и подлабоко значење, бидејќи од вашиот избор, од вашата одлука зад параванот зависи колку сакате да се променат работите, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во општина Босилово.
Мицкоски додаде дека со Зоран Заев на чело на државата, шансите за поместување кон позитивно биле еднакви на нула, и дека со него државата тонела и не создавала иднина.

Во овие години на назадување, стагнација и неработа го изродија балканскиот Луј 14ти, кој на митинзи доаѓа со BMW од 100 илјади евра, се импресионира и се фали дека гази црвени килими, смета дека всушност тој е државата и мисли дека сите грешки ќе му се заборават, дел од крадените пари ќе ги извади сега пред избори, дел ќе ги подели на луѓето и тие ќе му простат се што правеше изминатите 52 месеци, заборавајќи дека тоа се пари на народот. Е на овие избори на 17-ти октомври тоа нема да се случи, народот нема да поверува на овие лаги, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ од Босилово.


Пет години ги лаже земјоделците дека ќе им даде субвенции, а истите тие 5 години по ред мака мачат со откупните цени. Оваа земја има премиер кој е најомразената личност на сите анкети, затоа што го изневери својот народ и неговите очекувања. Ги излажа и земјоделците. Додека фирмите на Заеви работат турбо, земјоделците мака мачат со откупот. А откупувачите се истите оние кои прават бизниси со семејството Заеви додека маката на земјоделците останува неплатена. И навистина боли кога ќе ги видам разочараните лица на работливиот народ кој од нивите го гледа Заев како пролетува и оваа кампања со автомобил вреден 100 илјади евра, додека тие остануваат со празни џебови, и се плашат како месецот ќе го помина, зимата и ќе обезбедат пари за школување на своите деца, изјави Мицкоски.
На митингот беше претставен и кандидатот за градоначалник на Босилово Ристо Манчев. Тој пред Босиловчани рече дека нуди програма која е остварлива со многу работа, според која ветува дека ќе ги реши проблемите со водоснабдување, дивите депонии и јавната хигиена, а земјоделците ќе му бидат приоритет.Манчев рече дека сега повеќе од било кога порано, се потребни промени, затоа што Република Македонија не само што не оди напред, туку и назадува во многу области, затоа што денес граѓаните не живеат подобро од порано, затоа што секојдневно, во континуитет, се рушат темелите на македонската државност.
-Доаѓа време на промени, доаѓа време на нова надеж, време на новата генерација политичари која ќе има последна можност да ја врати довербата, честа, достоинството и гордоста на македонскиот народ. Македонија мора да продолжи напред и да се развива, затоа што македонскиот народ тоа го бара и тоа го заслужува, порача Манчев од митингот.
Изборниот караван на опозицијата гом посети и Ново Село. Претседателот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека власта се плаши од пораз и знае дека овој пат и покрај сите притисоци, закани и поткуп од украдените пари изминатите 52 месеци ќе загуби. И сосема свесно работи да има помала излезност на овие избори, што помалку луѓе да излезат да гласат, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од општина Ново Село.
Мицкоски смета дека Заев сака да ги шири лагите дека сите се исти и да создаде апатија кај граѓаните, повикувајќи ги граѓаните масовно да излезат на 17ти октомври и да дадат поддршка за идниот градоначалник на Ново Село и советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, вечерва на митингот во Ново Село, истакна дека ќе го посвети сето свое знаење и енергична спремност за реализација на гарантираните проекти како парична помош за секое новороденче, нова развојна индустриска зона, туристички капацитети, поддршка за земјоделците, чистење на дивите депонии, реконструирање на спортските капацитети, дежурна служба за здравствена заштита и многу повеќе проекти за сите граѓани.
Нема да можеме да создадеме нова иднина, без да направиме промена, ако не ги препознаеме и поддржиме оние кои работат и умеат да создаваат, од оние кои тоа не го можат и го забораваат својот народ, рече Божинов.
Тој рече дека во залог ја става целата негова иднина, како млад, чесен и работлив човек и излегува пред сограѓаните со чист образ, со проекти кои ќе гарантираат промени.
-Акцент ставам на основните потреби на нашите сограѓани, како водоводи, филтер станици, акумулациски базени за чиста вода за пиење, асфалтирани улици и општина без кал, канализациони системи, и гарантирам  посветеност на проекти кои ќе го подигнат животниот стандард на граѓаните, рече Божинов.