Денеска министерот Оливер Спасовски со дел од раководството на Министерството за внатрешни работи учествуваше на Завршната конференција на твининг проектот финансиран од ЕУ – “Усогласување на националните системи за гранично управување со барањата на ЕУ и Шенген”, на која учествуваа и амбасадорот на Словачката Република

Н.Е. Хенрик Маркуш , шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ Стефан Худолин, како и претставници од МВР Словачка и Словенија и Лидерите на проектот.

Денешниот настан беше заокружување на скоро тригодишните проектни активности во рамки на кои експерти од Република Словачка и Република Словенија заедно со припадниците од Одделот за гранични работи и миграции при МВР работеа на усогласување на националниот систем со ЕУ и Шенген стандардите во областа на интегрираното гранично управување, а согласно целите на ЕУ насочени кон националните стратегии за пристапување. Твининг проект е финансиран од Европската Унија  со вкупна вредност од еден милион евра, чии што примарни цели, покрај другото, беа: изготвување Патоказ за усвојување на законодавство поврзано со Шенген, односно надградба на законодавството во делот на интегрирано гранично управување и изготвување на Шенген акциски план и предлог нова национална стратегија за ИГУ, усогласена со стандардите на ЕУ и Шенген, но и зајакнување на административни и технички капацитети во областа на интегрирано гранично управување на повеќе оперативни нивоа.

На конференцијата министерот Спасовски, меѓу другото рече  “За нас од исклучителна важност беше што во рамките на твининг проектот ,,Усогласување на националните системи со ЕУ и Шенген барањата во областа на граничното управување“ една од главните активности беше подготовка на национална стратегија за интегрирано гранично управување на Република Северна Македонија, која е изготвена  согласно Европскиот концепт за Интегрирано гранично управување. Министерството за внатрешни работи покажа подготвеност и професионалност во справувањето со глобалните закани и предизвици во услови на пандемија како и успешно справување со мигрантските  предизвици кои остануваат еден од приоритетите во граничното работење и тоа преку спречување на илегалните минувања, сузбивање на криумчарењето на мигранти и други облици на криминал. Република Северна Македонија во целост го разбира и поддржува концептот на ЕУ во кој солидарноста и поделбата на одговорноста се во основата на ефикасното гранично управување“- истакна министерот Спасовски.

Шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ Стефан Худолин потенцира дека ефикасното и координирано управување со надворешните граници е од клучно значење за воспоставување доверба и постигнување на целта за отворени, добро контролирани и безбедни граници. „Сите ние мора да работиме заедно за да постигнеме целосно ефективно европско интегрирано гранично управување во пракса, обединувајќи ги сите релевантни чинители и на европско и на национално ниво“, рече Худолин.