Судијката во случајот Тврдина 2, Лидија Петровска го отфрли барањето на адвокатот на првообвинетиот, екс началникот на УБК Горан Грујевски, според кој судењето во отсуство не може да се реализира сè додека не заврши екстрадицијата.
Повикувајќи се на Законот за кривична постапка, адвокатот Љупчо Шврговски, рече дека доколку му се суди во отсуство ќе му биде повредено правото на одбрана. Адвокатот на Грујевски побара главната расправа да се одложи на неопределено време.
Обвинителите од СЈО, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска, ваквите аргументи ги отфрлија како неосновани бидејќи судењето во отсуство на Грујевски не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.
Судијката ја исклучи јавноста за да ги изведат декласифицираните докази добиени од УБК, кои ги побара Специјалното јавно обвинителство.