12 ноември 2021 година. Вообичаено утро и сообраќаен метеж на главната улица во населбата Шуто Оризари. На автобуската станица врвулица од луѓе, излегуваат од автобусот и влегуваат во локалната сендвичарница. Таму со часови ова утро стоеше едно момче на возраст од околу седум-осум години. Добиваш впечаток дека ги чека родителите да се симнат од автобус и да си замине дома заедно со нив. Ни го привлече вниманието и останавме неколку часа во негова близина. Неговата мајка и татко не се појавија и сфативме дека всушност малото момче чекаше непознати лица и милост од нив. Случајни минувачи, луѓе кои купуваа од сендвичарницата му пружаа рака со десетици, стотина денари, тој парите ги ставаше в џеб. Откако доби и голем хамбургер од еден повозрасен господин момчето реши да си замине.

„Морам да се вратам дома и да однесам да јадат”, ни одговори момчето, откако претходно поразговаравме со него. Тој срамежливо потврди дека е дојден да питачи со знаење на неговото семејство.

Нè покани и во неговиот дом, објаснувајќи дека мајка му бара спас за да ги извади од длабоката сиромаштија во која живеат со години. Ни го кажа и неговото име, но поради заштита на личинот идентитет во овој текст ќе го користиме псевдонимот Ангел.

Дома го чекаа двајца браќа и уште три сестри. Сите освен Ангел и најмалата сестра на возраст од една година се подготвуваа за на училиште.

„Немам што да јадам, просам 10 денари. На мајка ми и носам пари за да купат нешто да јадам”, ни објаснуваше малиот Ангел.

Тој никогаш не бил запишан во училиште, нема другарчиња од одделение и не знае како изгледа образовниот систем.

Ангел со години го поминувал времето питачејќи на улиците во Скопје, во центарот на градот, на неколку булевари кадешто има голема фрекфенција на луѓе и возила. Понекогаш во друштво на неговата мајка или некој од браќата и сестрите, но во последниот период има постојана локација во неговата населба и најчесто е сам.

Семејството добило опомена од социјалните работници,  доколку уште еднаш Ангел биде забележан како питачи на улица ќе биде одземен од државата и нема повеќе да живее со нив.  Зошто само Ангел не бил запишан на училиште, семејството нема посебно објаснување, освен она дека некој мора да донесе парче леб дома.

„Нема како да преживееме, јас не работам, сопругот по цел ден нешто чепка и работи се што ќе стигне, собирање шишиња, картони, градежништво, но тие пари не се доволни, најголем дел ги даваме за ќиријата од 9000 денари за месец,” вели мајката на Ангел.

Единственото место на кое може да се почувствува како дете, да учи да чита и пишува, брои, но и да добие топол оброк кога дома нема што да јаде е Дневниот центар за деца од улица во неговата населба.  Ова место го посетуваат и неговите браќа и сестри откако ќе завршат со часови, но и уште осумдесетина деца од социјално ранливи семејства.  Дневниот центар функционира од 2006-та година и освен што е кусо престојувалиште на деца помеѓу 4 и 17 години, семејства кои живеат во сиромаштија од овде понекогаш добиваат и чиста облека, обувки и средства за лична хигиена.

Административни лавиринти

Семејството на Ангел не зема социјална помош од државата. Според нивната верзија постојат административни пречки, бидејќи таткото не е државјанин на Северна Македонија и нема регулиран престој во државата.

Истите причини ги потврдија и од Центарот за социјални работи во Скопје, со дополнување дека ова семејство немало комплетна документација при поднесување на барањето за социјална помош, но и дека во овој случај претходеле нарушени семејни односи. Според ЦСР мајката била во брак со друго лице, а пет деца биле признати од еден татко, кој е државјанин на Косово[1]

„При поднесување на барањето од страна на С.Л. Не е поднесена целокупната потребна документација, односно не беа поднесени изводи на родени за сите деца наведени во барањето, пресуда за развод на брак со лицето Е.Р., решение за вонбрачно доверување на децата(кои се со признаено татковство од М.С. ”, велат од Центарот.

________________________________________________________________________________________

[1] *This designation is without prejudice to positions on status, and is in line with UNSCR 1244 and the ICJ Opinion on the Kosovo Declaration of Independence.

*Оваа ознака не ги прејудицира ставовите за статусот и истата е во согласност со Резолуцијата на ОНСБ 1244 и Мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.

(Ангел и најмалата сестра на возраст од една година)

Откако социјални работници направиле увид во домот на ова семејство констатирале дека мајката живее во вонбрачна заедница  со лицето М.С кој не бил прикажан како член на домаќинството и нема регулиран престој во Северна Македонија.

Во меѓувреме на  иницијатива на ЦСР биле вклучени и правници од Здружението на млади правници.

„Во тој период од разговорот со неа, се добиени сознанија дека ја прекинала вонбрачната заедница со М.С и дека нема никакви контакти или сознанија во однос на тоа каде се наоѓа тој. Со цел да го оствари правото, бидејќи согласно изводите од МКР на децата, истите се со признаено татковство, на С.Л и беше посочено дека треба да отпочне постапка за вонбрачно доверување коија од страна на стручните работници и беше целосно образложена, велат од ЦСР.

Мајката на Ангел објаснува дека не знае да чита и пишува и е тешко да ги прибира и поднесе сите документи. Освен социјалната помош која ја чека од државата,  моли секој хуман граѓанин да донира помош од храна, облека и средства за да можат да преживеат.

(Мајката на Ангел бара финансиска поддршка,храна и облека од граѓани)

Министерството за труд и социјална политика спроведе реформа и го зголеми детскиот додаток  за повеќе од 100% за децата кои живеат во сиромаштија. На пример, едно семејство со две деца на училишна возраст кадешто двајцата родители се невработени, наместо 5000 денари, сега со социјалната реформа ќе зема 10 600 денари месечно. Според ова, нерешените административни сопки го делат семејството на Ангел од околу една просечна плата со оглед дека неговите браќа и сестри, а и тој доколку е запишан во училиште ги следува социјален детски додаток.

На улица демнат организирани групи на кои тешко им се влегува во трага

Напорите да се превенира питачењето на малолетните деца е еден предизвик за државата, но уште поголем предизвик за правосудните институции кои треба да разоткријат и докажат дека организирани групи користат туѓи деца и ги принудуваат да питачат.  Некои деца завршуваат и во немилост на непознати со согласност на нивните родители, кои за возврат на питачењето на родените деца, добиваат некоја симболична сума. Некои пак, мака мачат за да докажат дека децата им се киднапирани од познаници и принудувани  насила да заработат одредена сума во текот на денот,  во спротивно следуваат сурови казни и малтретирање за децата. Таков случај може да се најде во архивите на полицијата и обвинителството во 2017-та година. И тој има две страни.

Момче на 11 годишна возраст се враќа од училиште со уште еден врсник, кога во еден момент ги пресретнува возило со познаници на родителите на едно од децата. Користејќи го познанството и довербата 11 годишното момче се качува во возилото, но наместо дома завршува во друг дом. За да воспостават авторитет познаниците го држат момчето заклучено во една соба неколку дена, без храна, само со едно парче леб и вода. Ова малтретирање траело со денови се додека 11 годишното дете  не се согласи да питачи и парите да им ги дава како дневна заработка. Во групата злоупотребувачи се  60-годишниот познаник  и неговите синови, а понатаму се приклучува и сопругата. Го носат од една раскрсница на друга, а во неколку прилики се претставуваат како негови родители. Во меѓувреме неговата мајка пријавила дека детето исчезнало и дека неколку дена не се вратило дома. После десетина дена питачење по улици, момчето здогледува полициски службеник на улица и со трчање се упатува кон него, барајќи спас од насилниците. Приказната ја раскажува во најблиската полициска станица во една скопска населба, а МВР отвора случај кој завршува со кривична пријава против едно лице- 60 годишен скопјанец. Но, обвинителството за организиран криминал не успева да докаже се што стои во пријавата и го затвора случајот после речиси една година. Без осомничени, сите дејствија остануваат само верзија на едно 11 годишно момче.

„Во текот на истражната постапка предметниот обвинител ги испита осомничениот, детето и неговите родители. Исто така во рамките на преземените истражни дејствија, меѓу другото издаде Наредба за вештачење  на траги од биолошко потекло од возилото со кое наводно било грабнато детето, како и предлог за привремено одземање на предмети – снимки од видео материјал од системот за видео надзор од локациите што биле посочени како места каде детето било грабнато  и каде што питачело. Од прибраните докази е утврдено дека по извршените анализи за ДНК идентификација трагите од биолошко потекло потекнуваат од непозната индивидуа, а од видео материјалот не е утврдено присуство на осомничениот на посочените локации, одговорија од Обвинителството.

Сепак, иако овој случај на крајот бил затворен без докази, 60-годишниот познаник бил осомничен и поминал 90 дена во притвор.

Во  потрагата да дознаеме што навистина се случило и зошто е тешко да се докажат овие тврдења слушнавме уште една верзија за овој случај од Адвокатот Александар Тумановски, кој го застапувал пријавениот. Според втората страна, 11 годишното момче воопшто не било киднапирано, туку згрижено од пријавеното семејство затоа што мајката со уште едно мало бебе, после питачењето го оставила ова момче на улица. Според тогашните гласини мајката пријавила во полиција затоа што барала 1000 денари дневница која ја заработило детето додека било оставено со познаниците.

„Во текот на постапката се утврди дека мајката претходно било осудувана за напуштање на ова исто дете и нејзината намера била да земе пари од мојот клиент. Притоа се утврди дека детето не се возело со автомобил, туку оделе пеш, а не ни спиело на покривот од куќата како што тврдеше, туку спиело заедно со другите деца во соба.”

Не само што овој случај немал судски исход, некогашниот осомничен ја тужел државата за неправедно поминатите 90 дена во притвор и добил, за секој поминат ден по околу 4000 илјади денари.

Како кривично дело трговијата со деца со цел на експлоатација– питачење се гони според член 418-г од Кривичниот законик. Во последните три години од 2017-та до октомври 2021-та година МВР поднело само една кривична пријава, за која веќе објаснивме дека е затворена поради недостаток на докази.

Последните две пандемиски години немало ниедно вакво кривично дело во официјалната евиденција на полицијата. Од друга страна, Обвинителството работело на неколку случаи по кривичното дело 418-г, за кои не може да се утврди колку од нив се однесуваат на експлоатација-питачење бидејќи таму не водат таква евиденција.

13 години затвор гласи највисоката затворска казна која била изречена за ова дело 418-г во скопскиот кривичен суд во последните три години. Од почетокот на 2019-та година до крајот на 2021 потврдени се 18 пресуди на најголемиот кривичен суд во државата.

Питачењето како посебна форма на кривично дело не егзистира во македонскиот кривичен законик, па од судот велат дека немаат подготвено посебна селекција за да се констатира која од постапките кои се во тек или се завршени се однесуваат конкретно на питачењето како акт на присилна експлоатација, кога се работи за малолетни деца.

Наспроти овие статистики, поголеми се бројките за прекршочните пријави за питачењето кое се третирало како прекршок, кои биле поднесени изминатите години. Во годината пред пандемијата, 2019-та имало 77 прекршочни пријави против 79 лица, следната 2020-та година биле регистрирани 48 сторители на прекршоци за питачење и од јануари до септември минатата година биле забележани 79 сторители на прекршоци за питачење.

Меѓуинституционални пропусти

Секоја година во просек во Северна Македонија против околу 200 родители се водат прекршочни постапки, бидејќи не ги запишале своите деца на училиште. Пред да бидат пријавени претходи процес на советување на родителите за важноста од образованието и писменоста на нивните деца.  Државата има обврска да обезбеди право на основно образование за секое дете. Со неколку вклучени институции треба да гарантира дека ги следи состојбите со децата кои питачат на улица 24 часа и да ја превенира оваа појава.

Пред речиси три години донесен е комплетно нов Закон за основно образование, а постојат и десетици други документи кои треба да придонесат инклузивност и сите деца од улица да бидат вклучени во образовниот систем.

Министерството ангажира образовни медијатори за учениците Роми кои се од социјално загрозени семејства и се надвор од образовниот систем.

Нивната улога е да ги информираат родителите за важноста на образованието, да спроведуваат редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште, соработуваат со наставниците,

„Во текот на учебната 2020/2021 година ромските образовни медијатори, запишаа 1624 првачиња, детектирани се 103 деца на училишна возраст да станат првачиња и истите се запишани во редовна настава во прво одделение. Вкупно 262 осипани ученици Роми се вратени во училишните клупи”, велат од Министерството за образование.

Преку неколку странски фондации се финансира туторство и стипендии за децата кои се надвор од образовниот систем.

Официјално сите институции кои се вклучени во овој систем на детектирање и инклузивност на сите деца од социјално ранливи категории потврдуваат дека ги даваат максималните капацитети за да ги спречат појавите на питачење во иднина.

Под полна пареа во насока на превенција, детектирање и анализа на оваа појава функционира и Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција која има вкрстени податоци од повеќе надлежни институции.

Но, на улиците во целата држава речиси и да нема локација со погуст сообраќај на која нема да се појави дете кое моли за денар, или пак деца кои не се во училишните клупи.

Честопати се појавуваат и мали бебиња кои ги држат различни луѓе, различни денови.

 На една локација во центарот на Тетово забележавме жена и мало девојче во количка како со часови питачат заедно, јадат приседнати на тротоарот и не се поместуват со часови. Им се приближивме, жената која се претстави како мајка одби да го каже нејзиното име, но тврдеше дека девојчето е нејзино.

„Јас имам 40 години, ова е ќерка ми. Дојдени сме пред неколку години од Струмица тука живееме во шатор откако маж ми почина. Се снаоѓам да не умреме за леб, морам и ќерка ми да ја носам немам кој да ја чува, каде да ја однесам,” ни одговори жената.

Питачела уште додека била бремена, а по раѓањето на ќерката продолжила на овој начин да заработува.

(Жена што питачи во Тетово, Ноември 2021)

„Подобро да питачам отколку да се продавам и од тоа да заработувам”, ни одговори 40 годишната жена и порача до општинските власти и институциите дека не се плаши да продолжи и понатаму затоа што нема друг избор.

 На стотина метри од оваа локација, во близина на т.н дива населба во Тетово на семафорите кај една приватна болница за денар молеше едно девојче. Набљудувавме неколку часа утрото, но девојчето не комуницираше со никого, никој не се приближи, ниту пак се помести од оваа локација. Беше питома за разговор кој го прифати на страна во една споредна уличка.  Идентитетот на ова девојче ќе биде заштитен во текстот.

„Имам девет години, сега дојдов сама за да купам леб, салама и млеко и да однесам на мајка ми,” ни одговори девојчето.

Потврди дека оди во училиште и дека набрзо ќе се врати дома за да се подготви за втора смена во едно основно училиште во Тетово.  Раскажа дека нејзинот татко работел со старо железо и дека од дома знаат дека доаѓа пред или после училиште да питачи повремено. И нејзиното, како и семејството на Ангел е многубројно. Има четири браќа и две сестри. Разговорот заврши овде, деветгодишното девојче замина кога побаравме да се сретнеме со нејзините родители се исплаши и побегна.

(Деветгодишно девојче кое питачи во Тетово, Ноември 2021)

Според законот за семејство доколку едно дете се наведува на питачење, се смета дека семејството прави злоупотреба и грубо ги крши родителските должности, по што државата става надзор над вршењето на родителското право и спроведува советување со родителите. Доколку детето продолжи да питачи и покрај укажувањата, Центарот за социјални работи го одзема од родителот и се отпочнува постапка за одземање на родителско право, како и кривична пријава.

Доколку е одземено од семејството, Центарот за социјални работи одлучува дали ќе го испрати во згрижувачко семејство, дали ќе постави старател, може да го смести во мал групен дом, во зависност од потребите на детето.

2020-та година теренските тимови лоцирале 40 деца на улица, од кои најголемиот дел се на скопски локации.

Неформалните разговори со повеќе институции покажаа дека на државата и се потребни повеќе капацитети за сместување на деца жртви кои се одземени од семејствата, затоа што тој недостаток е една од причините зошто на родителите не им се одредува мерка притвор или пак не им се одземаат децата. Понатаму, вработените во центрите за социјална работа се соочуваат со пропусти и потешкотии при детектирањето на деца кои питачат, а не се во училиштата, поради инертноста на локалните власти и образовните институции, кои имаат обврска да пријават отсуство на ученици од социјално ранливи категории. Дополнително, дневните центри се соочуваат со недостаток на средства, храна и облека и бараат поддршка од Владата за да може да одговорат на сите потреби.

Меѓународна поддршка за справување со трговија со луѓе

 Најважен меѓународен документ за борба против трговија со луѓе е Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговија со луѓе, особено жени и деца, усвоен од страна на Организацијата на Обединети Нации (ООН) во 2000 година (попознат како: Протокол на ООН за трговија со луѓе или Протокол од Палермо). Тој претставува дополнување на Конвенцијата против транснационален организиран криминал, донесена од страна на ООН во 2000 година. Овој Протокол обезбедува дефиниција на трговијата со луѓе, која оттогаш е меѓународно прифатен стандард.

Кривичниот законик во Република Северна Македонија е целосно усогласен со Протоколот од Палермо на ООН и Конвенцијата за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа.

ЕУ и Советот на Европа преку заедничка програма наречена Хоризонтален Инструмен II дава поддршка која за цел има спречување и борба против трговијата со деца, трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и овозможување на пристап кон надомест на штета за жртвите на трговија со луѓе, согласно препораките на Групата на експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА), која претставува тело за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе.

Обезбедената поддршка вклучува кампањи за грантисти за зголемување на јавната свест која цели кон деца со попреченост, девојки од ромската заедница и ученици од средни училишта; активности за градење на капацитетите на професионалци од областа на образованието, социјални работници и медиуми за прелиминарно идентификување и упатување на деца-жртви на трговија со луѓе, како и регионална конференција за заедничка акција против трговијата со деца во Западен Балкан.

За поефикасно справување со ова сериозно кршење на човековите права, сите чинители треба заеднички да работат кон спречување и борба против трговијата со деца и ефикасно да ги користат средствата од меѓународни фондови кои во друг случај самата држава не е во можност или нема волја за да ги обезбеди.

автор на проектот: Христина Беловска

 

ЕНГ – This article was produced with the financial support of the European Union and the Council of Europe. The views expressed herein can in no way be taken to reflect the official opinion of either party.

 МК – Оваа статија/сторија е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија и Советот на Европа. На ниеден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Европската Унија или на Советот на Европа.