Во третото последно продолжение од разговорот на Борјан Јовановски, професорот Владо Поповски зборува за опструкциите на процесот на потпишувањето на Охридскиот договор

Нова ТВ: Во 2001 година со почетокот на војните во Косово се јави прелевање на војната во Македонија. Дали сметате дека е ова случајно?

Поповски: Јас не верувам дека ова беше случајно. Бидејќи УЧК беше дел од ОНА. Второ,  Јакуп Красниќи беше портпарол на ОНА и на косовската власт на ОНА кога ги прозива задолжените за делот на Македонија? Што чекаат зошто се пасивни, чекаат они да го дигнат востанието во Македонија ? И тогаш во Танушевци, двајца настрадаа од експлозија на мината еден беше убиен од снајперски метак. Соопштенијата на УЧК заклучно со петтото, а не беше веќе само во Танушевци се прелеаа воените дејствија  во Тетово и Куманово, со повик-  надвор Македонци и словени од албански територии. Тоа беше борба за  територии. По петтото соопштение дојде Призренската декларација  за човекови права. Али Ахмети се префрли на вистинско поле со својата структура. По таа декларација , а пред потпишување на Охридскиот договор имаме упади и терористички акти кои не можат да се објаснат со човекови права кај Карпалак , Љуботен врз луѓе кои одеа на промена на позициите откако воените дејствија беа прекинати. Но, тие беа масакрирани на 11 август, а на 13 август се донесе Охридскиот договор. На 11 август се случи гранатирање кај Радуша, Тетовско каде командантот на полициската станица, бара  помош зашто сите ќе загинат во полициската станица, се приближуваат терористи или албански воени групи кон самата станица. Нема помош 4-5 сати и пак имаше јавување дека они ќе загинат но да се знае дека македонската страна не им помогна да се спречи тоа. И наеднаш влегува голема маса вооружени Албанци на тој терен и тогаш македонската  армија одговори со минофрлачи и направи ршум. Што значеше таа акција , на веќе склучен договор кој чекаше само да биде  потпишан ?, тоа беше територијално барање на структури  кои не се согласуваа со Али Ахмети  а со цел да не влезе во важност  Охридскиот договор, и сакаа да се одбележи  граница таму кај Групчин. И во албанскиот блок имаше хетерогени структури кои гонеа различни цели. По Призренската декларација, Али Ахмети, ја зацрта целта која се  постигна со  Охридскиот Рамковен договор. И во македонскиот блок имаше различни групи  имаше групација за Охридскиот договор предводена од претседателот  Трајковски и СДСМ. . Претставникот на Вмро Дпмне,  Љубчо Георгиевски не беше   за перфектуирање на Охридскиот договор , туку бараше воена интервенција со тенкови од Тетово до Јажинце да се ослободи тој пат, каде што од командантот Панде Петровски, му беше речено дека не може да ги пушти тенковите за да станат конзервни кутии кои поединци стрелци со минофрлачи ќе ги уништат посадите, а за да може да се ослободи тој пат треба да се уништат сите села на Албанците и дека тој тоа нема да го направи тоа, зашто тоа би значело граѓанска војна и распад на Македонија и си поднесе оставка, и тоа е добар чекор на еден воен претставник кон барањето на една група од Рамковниот договор да се дојде до решение на кризата по воен пат. Значи и ние имавме такви колебања.

Нова ТВ: Професоре, околу опструкциите на Рамковниот договор една иницијатива која предизвика многу контроверзии беше поделбата на територии и размена на население зад која застана Македонската акедемија на науки и уметности. Како ја толкувате таа иницијатива и која беше нејзината цел?

Поповски: Тоа беше една, така да се каже, дисонанса во однос на процесот на разговорите на кој што се движеше околу правата и слободите, еднаквоста прицинпот на инклузивност и слично. Наеднаш во Македонија, и тоа никој друг, туку претседателот на академијата на науките на МАНУ, господинот Ѓорге Ефремов, соопшти дека излез од кризата доколку се подели Македонија и ја кажа линијата во која што од Гручин па натаму Тетово, Гостивар, Дебар, Струга би влегле во Албанската граница било да се приклучат кон некого или државна единица внатре во формална Македонија да направи, а другиот дел да биде на македонците со еден неворајетен предлог кој што засегнува и Корча да биде во Македонија. Кога ја слушнав таа идеја веднаш знаев дека идејата е не само неприфатлива туку доколку собере приврзаници тоа ќе биде крвава војна вдолж и шир на Македонија комплетно бидејќи линијата го дели албанското тело во едната група 214 илјади ги земав податоците статистички во другата 207 илјади значи половината на една страна другата на друга. Идејата за поделба на територијата беше и размена на населението значи некој да ги натера тие 207 илјади да ги откорне од своите куќи од домовите од нивната меморија од нивниот имот од нивните гробови и да ги носи некаде и македонците исто така да ги откорнат и да ги стискат овде. Прво по таа основа идеата да беше прифатена и било кој да ја спроведува при самото раселување ќе беше крв до колена апсолутно. Второ на тој начин нема да псотои Македонија, нема простор, една педа не останува, нема распон ќе има од север на југ долга една така да се каже леа а самата таа како појас невозможно е да функционира. Значи сосема надвор од било која природна логика а дополнително Корча да се споменува како македонска, во тој случај тоа значи да се стави допонителен екслпозив на и онака доволниот експлозив за растурање на  Македонија дополнителен да се каже во спорот со името со Грција, гледате они Корча ја сакаат па ќе им барате ум на друга линија да бидат реални.

Имено, од таа идеја, да се подели територијата на Македонија, да има размена соопштена од Ефремов, претседателот на МАНУ, а после неговата смрт, авторот се јави и рече таа идеја е моја, сметајќи дека била многу добра идејата, но тогаш, во тоа време. А тогаш, кога се легитимира како автор, тоа беше Љубчо Георгиевски, сам се легитимира како автор, веќе е неспроведлива. Таа идеја беше динамит што Љубчо Георгиевски, во однос на курсот на претседателот Трајковски, да не биде тоа постигнато, туку  да биде она што може. Ако не може, тој што се прилагодува е Љубчо Георгиевски, а не ситуацијата, што значи дека ние имавме среќа, една неборбена фракција, туку само вербално-политичка фракција, во македонските политички субјекти, кои што разговараа и го создаваа Охридскиот договор, за разлика од албанските, кои имаа фракција која со војна се обидоа да не се спроведе она од Призренската декларација од Охридскиот договор. Тоа беше нападот од 11-ти август, со гранатирање, со навлегување и така натаму.

Нова ТВ: Имаше ли таа идеја некаква историска основа?

Поповски: – Таа идеја историски беше едно време уфрлена после Берлиснкиот договор како договор како политика на големите сили не на сите, дека Македонија не треба да се прави посебна држава туку треба да се остави меѓу Бугарија и Албанија и тие да имаат непосредна граница. Таа идеа е од 1879 година елаборирана и предложена од инаку угледниот дипломат Хитрово до неговиот претпоставен Гирс понатаму е превземена од Царска Русија. Таа беше проценка што значи понатаму Христо Матов кој што стана инструмент на бугарската државна политика а член претставник надворешен на ВМРО револуционерна каде што 1904 година дели функции, на пример на Цоле Стојчев, војвода од леринско, му носи потврда дека го признава за војвода, преку посредник, а тој му вели „да му го вратиш ова на Христо Матев, тој прави востание од Софија и тој припаѓа на Софија, а не на Македонија и да му кажеш да не се меша во внатрешните работи на Македонија, оти ќе има работа со мене и ќе му ги искубам мустаќите“. Таа проценка дека Христо Матов всушност игра како маша на Софија е точна, бидејќи го гледаме 1912 година кога завршува со поделаба на Македонија, се формира голема делегација од Македонци и Бугари професори да одат по европските дворови и да пропагираат автономија на Македонија, а ако се убедат дека европските земји не се за автономија, Матов тоа го сфаќа како преодна фаза пред приклучување на автономна Македонија кон Бугарија. Ако немаат расположение за тоа, тогаш да предложат нови граници и тоа ги дава точно бугарско-албански, односно тој регион за Бугарија, тој регион за Албанија, и така се дели Македонија. Таа порака на Матов ја праќа Тодор Александров како документ, но запишува, дека тоа е порака добиена од Христо Матов, што значи дека самиот прави резерва.

Нова ТВ: Зборуваме веќе три часа и се осврнавте на многу детали. Дел од нив се малку познати за пошироката јавност како она на пример дека првиот Устав на Македонската лига од 1880 ги содржи во себе вредностите на Охридскиот договор. Ако е тоа така, зошто Охридскиот договор се доживува како нешто наметнато однадвор, како предавство, а за сѐ ова што го кажувате малку се зборува во јавноста?

Поповски: Затоа што граѓаните на Република Македонија не се занимаваат со архивски документи и не ги  знаат процедурите на сите три генерации затоа што на граѓаните не им е тоа најважно , поважно им е како они живеат и затоа што имаат искуство на дискриминација. Де факто не де јуре од 1941 до 2001 тие генерации се водат од еден дух кој е фактичка дискриминација сметајќи дека државата ќе ја ставиме во куфер и да си ја заклучиме не ја даваме на другите . Таа генерација не може да биде масовно проникната со фактите кои се во дисконтинуитет туку само во одредени циклуси се случувале.Првата генерација заврши со 1880 втората 1903 заврши со 1904. Архивите ги изнесоа последните барања на Илинденците сите се бореле за самостојна држава не за припојување кон Бугарија, Матов, Јане Сандански ..Оваа генерација на граѓани го нема во себе тоа искуство туку го има искуството од 1945 до 2001 ..Го има тоа чувство дека државата е наша не е нивна..прво ние да се вработиме тие нека чекаат. Тој националистички дух му беше погоден на одредени политички состави кои едрејќи врз националистичкиот комплекс, заработуваа гласови, за да станат политичари. Национализмот беше маска за масовна корупција.  Најголемиот проблем на Македонија е корупцијата и потајниот потскриен мотив на политичката демагогија со националистичка демагогија, зашто прават пресметки колку со таа реторика може да се добие.

Автор: Борјан Јовановски

Првиот и вториот дел од разговорот со професорот Владо Поповски може да го прочитате тука ( https://novatv.mk/gligorov-beshe-pod-vlijanie-i-so-mentalitet-na-belgrad-a-na-albanskite-partii-vlijaeja-prishtina-i-tirana/, https://novatv.mk/intervju-so-profesor-vlado-popovski-ohridskiot-dogovor-e-vrakane-na-zaboraveniot-pat-na-makedonskata-drzhavnost/)