Карло Анчелоти одговори негативно по понудата на Саудиска Арабија за преземање на фудбалската репрезентација на оваа земја во пресрет на Светското првенство во Русија. Трофејниот менаџер е без ангажман по отказот во Баерн Минхен, интерес за неговите услуги пројавуваат голем број на клубови и национални федерации, но Италијанецот не брза со конечната одлука.
И покрај примамливата финансиска понуда од Ријад, Анчелоти се одлучи за отфрлање на можноста за водење на азиската селекција на мундијалот. Неговото име се поврзува со кормилото на Италија која по елиминацијата од Шведска во баражот се раздели со Џанпјеро Вентура.
Селектор на Саудијците до пред неколку дена беше Едгардо Бауза. Аргентинецот на функцијата беше само два месеца и сосема неочекувано доби „благодарност“ за соработката. Репрезентацијата ја водеше во пет натпревари, сите пријателски, во кои забележа две победи и три порази.