ДУИ ниту на вечерашниот состанок на Централното претседателство не донеле одлука дали ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот на партијата, Бујар Османи во изјава за медиумите рече дека утре ќе продолжат со консултациите.
„Се уште нема конечна одлука. Уште анализираме дали ќе влеземе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Утре продолжуваме со консултациите“, рече Османи.
Граѓаните и новинарите очекуваа, вечерва, на состанокот во Мала Речица ДУИ да одлучи дали ќе коалицира со Никола Груевски.
Во ДУИ има голема неизвесност околу коалицијата, со оглед на тоа што Ахмети не само што се соочува со бунт на потпретседателите, туку и притисок доаѓал и од тројца од нивните новоизбрани пратеници во Собранието, кои што, според написите во повеќе медиуми се заканиле дека нема да го гласаат изборот на таа влада.
Потпретседателите на ДУИ Теута Арифи, Невзат Бејта, Изет Меџити и Садула Дураку во изминатиот период отидоа контра желбата на лидерот Али Ахмети којшто има поддршка од Муса Џафери, Бујар Османи и Абдилаќим Адеми.
Во недела на полноќ истекува последниот законски рок во кој мандатарот Никола Груевски може да поднесе предлог за влада.