Од Елена Станку
Букурешт и Касел
Да се подмитува или не да се подмитува – тоа е прашањето што новите лекари во Романија не можат да го избегнат.
Марија Барбу се обиде. Таа бараше работа во внатрешноста, надевајќи се дека ќе го го избегне синџирот од корупција и непотизам преку кој се напредува во кариерата во големите градови.
Но, дури и во еден мал град од 8.000 луѓе, раководителот на болницата барал 5.000 евра за да ја вработи. „Разговаравме во неговата канцеларија и тој отворено ми ја кажа цената”, вели таа.
Барбу се држеше до нејзините принципи и ја прошири нејзината потрага. Илјадници милји подалеку, една болница во германскиот град Касел и понуди работа. Таа ја прифати, плаќајќи за преселбата со заемот од 5.000 евра, чија вредност одговараше на поткупот што таа го избегна.
Таа возеше до Германија со нејзиниот сопруг во старо Рено Клио што сега стои паркирано пред нејзината куќа. Барбу се шегува дека тоа е „еколошки најнепријателскиот автомобил” во Касел. Се уште има романски регистарски таблички.
Во дневната соба, украсена со икона од дома, Барбу признава дека нејзиниот потег бил невообичаен. Нејзините пријатели никогаш не помислувале дека таа ќе се приклучи на масовната преселба на Романци кои заминуваат на работа во странство.
„Јас не сум тип на човек кој оди по авантура”, вели таа, служејќи супа во традиционален чорбалак. „Јас сум страшлива”.
Сепак, мило и е што дошла во Германија, иако и е потребно време да се прилагоди на сивото северно европско небо. „Се чувствувам почитувана од моите пациенти и од општеството”, вели Барбу. „Кога отидов по моите документи, почувствував дека имам одреден статус како лекар”.
Нејзините колеги во Романија не уживаат толку голема почит. Медицинската професија генерално се перципира како корумпирана. Пациентите често ги подмитуваат нивните лекари. Некои дури и инсистираат на тоа, надевајќи се дека со тоа ќе си осигурат најдобра можна нега. Корумпираниот лекар, често сниман во тајност, станал декор во лажните акции организирани од страна на таблоидните весници и телевизиските вести.
Но зад демонизацијата лежи помалку видливата култура на корупција чии жртви се и самите медицински работници.
На секој чекор од нивните кариери, лекарите и медицинските сестри во Романија мора да се соочат со систем за кој се вели дека ги наградува митото и непотизмот на ист начин како и заслугата.
Се разбира, многу од нив се противат на оваа корупција. Но многумина, исто така скришно плаќаат со цел да си обезбедат квалификации, вработување и унапредување.
Сумите можат да бидат високи, понекогаш десетици илјади евра. Тие се навидум оправдани во една сиромашна економија, каде медицината нуди ретко ветување за стабилна иако оскудна плата. Згора на тоа, вредноста на платеното мито на крајот може да се врати преку применото мито.
Оваа приказна на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) открива како подмолната корупција меѓу лекарите создава еден магичен круг, фаќајќи ги во стапица нивните пациенти и идните генерации на лекари.
„Сите дипломирани студенти, со неколку среќни исклучоци, се втурнати во еден корумпиран систем”, вели Винтила Михаилеску, професор по социологија на Националната школа за политички науки и јавна администрација во Букурешт.
„Најголемата вина лежи горе”, додава тој, објаснувајќи како лекарите кои плаќаат за своите работни места мора да прифатат мито со цел да ја повратат нивната инвестиција.
Уништен имиџ
Сите Романци имаат право на бесплатен медицински третман во рамките на здравствениот систем, кој е финансиран од страна на државата.
Постојано вработените лекари во државните болници заработуваат околу 200 евра месечно. На специјалистите им се плаќа 500 евра. Дури и со повисоки плати нема да остане многу готовина откако ќе се плати киријата за стан во главниот град, Букурешт.
Многу лекари го дополнуваат нивниот приход работејќи дополнителни часови или работејќи на црно во малиот, но профитабилен приватен здравствен сектор.
Многу илјадници медицински работници ја напуштиле Романија во последните шест години откако нивната земја влезе во Европската унија. Како мотиви, тие ја наведуваат лошата плата дома и културата на корупција што произлегува од тоа.
„Невозможно е да се биде лекар во Романија, без земање на поткуп”, вели Адина Деревенчиуч, која се преселила во Германија по завршувањето на медицинско училиште. „Но, за мене тоа е неморално … Одбивам да работам во државна болница, бидејќи тоа е болен систем”.
Каталина Мариоара, романска студентка по медицина која е на размена во германскиот град Грифсвалд, вели дека била зачудена од контрастот помеѓу двете земји. „Јас никогаш не би можела да прифатам нешто од моите пациенти. Ако останев во Романија, ќе морав да сметам на помошта од моите родители”, вели таа.
Релативно слободни да работат во ЕУ, лекарите од Романија се упатиле кон Франција, Германија и Велика Британија, каде што платите се значително повисоки од дома.
Нивните вештини, како и подготвеноста да работат во ноќни смени, се користат за пополнување на критичниот недостаток од кадар во болниците низ Западна Европа.
Но, додека во странство нивниот имиџ расте, дома романските лекари одвај преживуваат – слабо платени, лошо опремени и оцрнети од приказните за корупција.
Сепак, пациентите понекогаш се волни учесници во економијата поттикната од мито, давајќи им пари на лекарите од благодарност или страв. Лекарите дури и изјавувале дека одбивањето да се прифати поткуп може да предизвика вознемиреност меѓу пациентите, кои тоа го толкуваат како знак дека нивната состојба не може да се излечи.
„Платата на еден лекар е ниска, премногу ниска”, вели една жена во триесеттите години која не сакаше да се претстави. Таа вели дека му дала пари на лекарот кој ја породувал кој и помогнал при тешкиот пораѓај.
Друга жена, исто така, говорејќи под услов да остане анонимна, вели дека се обидувала да даде плик со готовина на еден лекар кој ја лечел за време на нејзината ектопична бременост.
„Лекарот не сакаше пари. Тој ме избегнуваше, па отидов до неговата куќа, откако ме пуштија од болница. Ковертот беше згужван, бидејќи го носев со мене во болницата, во мојата ноќница, или под мојата перница”, вели таа. „Претпоставувам дека го направив тоа во знак на благодарност… и за да си ја смирам совеста”.
Растргнати меѓу етиката и итните потреби на својата професија, многу лекари работат според неформален кодекс. Тие ќе го прифатат митото, но не го бараат.
Отсуство на информатори
Како и неколку други апсурдности на модерниот живот во Романија, корупцијата во здравствениот систем е резултат од пресекот на вековно руралната традиција и неодамнешната историја на неколку децениски комунизам.
„Културата во Романија е како онаа на село, базирана на негување на заемна доверба”, вели социологот Михаилеску. „Пациентите немаат доверба во институциите и чувствуваат потреба да имаат личен однос со лекарот. Ова е причината зошто тие даваат мито”.
Георге Алдеа, пензиониран лекар, вели дека неговите колеги во ерата на комунизмот добивале подароци како бензин, шеќер, цигари и кафе. Овие предмети тогаш тешко се наоѓале на пазарот, и биле многу повеќе ценети од парите.
„Тогаш, ништо не можеше да се купи со пари,” вели тој. „Но, можевте да добиете нафта или добро месо, без да чекате во ред.”
Навидум безопасната економија на размена на руралниот комунизам еволуираше во 21-от век, така што парите го зазедоа местото на производите.
Во една анкета нарачана оваа година од страна на романската канцеларијата на Институтот во Аспен, меѓународна непрофитна организација, повеќе од 60 проценти од околу 1.000 испитаници рекле дека понудиле мито на медицинскиот персонал. Во една друга неодамнешна анкета на Националната школа за политички науки и јавна администрација во Букурешт, 59 отсто од испитаниците изјавиле дека митото е единствената гаранција за добивање на пристојна болничка нега.
Во случаите на корупција во медицинската област за кои се известува во печатот или пак за кои се покренати судски постапки, обично се вклучени пациенти кои не се во можност или не сакаат да плаќаат мито.
Сепак, корупцијата во рамките на лекарскиот естаблишмент, каде многу лекари им плаќаат на своите колеги за вработување и унапредување, ретко се пријавуваат.
Сумите и влоговите тука се многу повисоки, но кариерите и угледот висат во воздух. Лекарите кои плаќаат мито стануваат соучесници во кривично дело. Тие не сакаат да си ја уништат онаа предност што ја имаат стекнато.
Оние кои одбиваат да платат не сакаат да поднесат официјална тужба. Или им недостасуваат докази или пак не сакаат да бидат идентификувани како предизвикувачи на проблеми. Повеќето од лекарите кои имаат искуство од прва рака со културата на подмитување разговараа со БИРН под услов да останат анонимни. Имињата на градовите што тие ги споменаа исто така не се откриваат за да се заштити нивниот идентитет.
„Слушнав гласини за постоење корупција при вработување, но никој не ми кажал за тоа отворено”, вели Василе Астарастоае, претседателот на Лекарскиот колеџ, медицинско надзорно тело во Романија.
Тој верува дека медицинските работници не ги пријавуваат барањата за поткуп затоа што се плашат од загрозување на нивните кариери. „Постојат само неколку работни места … и никој друг нема да ме вработи, бидејќи тие не ми веруваат. Тие ќе кажат дека се сум измислил”, вели тој, објаснувајќи зошто се молчи.
Министерот за здравство, Еуген Николаеску, изјави за БИРН дека не бил свесен за корупцијата при распределбата на медицински работни места. „Јас никогаш не сум слушнал вакви приказни, но не можам да зборувам против она што некои лекари тврдат дека е вистина”, вели тој.
‘Плаќање пред летото’
Најголемите суми на мито ги плаќаат ново квалификуваните лекари во потрага по својата прва работа. Парите ги присвојуваат болничките администратори и постари лекари кои се вклучени во процесот на вработување.
Вредноста на поткупот се чини дека се утврдува според побарувачката. Бидејќи се повеќе Романци избираат да живеат во големите градови, наместо во ненаселените рурални средини, лекарите плаќаат поголемо мито за да работат во болниците во главниот град отколку во помалите градови.
Даниела, поранешен педијатар во една болница во голем град во јужна Романија, вели дека таа му помогнала на нејзиниот сопруг да бара работа, откако се квалификувал за лекар. Таа зборуваше за БИРН под услов да остане анонимна, стравувајќи да не ги загрози своите можности ако се идентификува.
Даниела вели дека колегите на двојката им препорачувале дискретно да се распрашаат за купување на работа во регионот. Нивната потрага открила подвижна скала, каде што големината на мито за добивање работа се чинело дека била поврзана со големината на градот.
Таа вели дека им било кажано дека работа на лекар во еден соседен град со околу 9.000 луѓе, ќе ги чини 15.000 евра. Во меѓувреме, за истата работа во град со население од 105.000, ќе чини 20.000 евра.
Во еден од најголемите градови во земјата, со околу четврт милион жители, би чинело 30.000 евра за да се најде работа во некоја болница. „Тие ни рекоа дека треба да платиме пред крајот на летото, бидејќи имало долга листа на кандидати”, вели Даниела.
Двојката одлучила да не дава мито, бидејќи цената почнала да се приближува на висината за купување на нов стан. Даниела е убедена дека ја направиле вистинската работа.
„Ако платиш, почнуваш да размислуваш како да си ги вратиш парите назад. Чекаш мито”, вели таа. „Така го губиш достоинството како лекар”.
Нејзиниот сопруг на крајот нашол работа во болница во Франција. Даниела му се придружила есенва.
Онаму каде што вредноста на поткупот ја следи големината на градот, населението е всушност ресурс кој мора да плаќа за пристап до лекарите. На овој начин, корупцијата помеѓу лекарите ја зголемува веројатноста дека тие ќе прифатат мито од пациентите за да ја повратат инвестицијата.
Неколку лекари, говорејќи анонимно, потврдија дека е невозможно да се најде работа во поголемите градови, освен ако не се плати мито или се немаат добри контакти.
Корупцијата не е ограничена на вработувањето на лекари. „Постојат само два начина за да се добие работа тука”, вели една медицинска сестра во еден мал град во јужниот дел на Романија. „Можете или да платите за неа, или да ги знаете вистинските луѓе”.
Благодарение на еден влијателен контакт, медицинската сестра била поштедена од плаќање на 2.000 евра мито за работа.
‘Без стратегија’
Високата побарувачка за работни места во поголемите градови е во остар контраст со недостатокот од медицински персонал во сиромашниот рурален дел на Романија – местата на спротивниот крај на подвижната скала . Несразмерноста опстојува , иако лекарите во јавниот здравствен систем се платени исто насекаде низ целата земја.
„Во малите градови, ја заработувате само вашата плата, бидејќи луѓето се сиромашни”, вели Стефан Станкулеску, директор на болницата во Балс, град со 20.000 лица. „Младите лекари не доаѓаат во овие болници”.
Јоана Думитру, директорка на болницата во Филиаси, град со 18.000 луѓе, исто така, вели дека младите лекари избегнуваат да работат во сиромашните области, бидејќи „тие не сакаат да се потпрат само на нивните плати”.
Се разбира, корупцијата не е единствениот фактор за недостатокот од медицински персонал во руралните области. Чесните лекари можеби ја избегнуваат внатрешноста, бидејќи недостатокот од модерна опрема го зголемува ризикот од тужби за правење лекарски грешки од небрежност– а не затоа што пациентите се сиромашни. Во исто време, нив можеби ги привлекува Букурешт поради подобрите можности за унапредување, а не побогатите пациенти.
Во секој случај, повисоката побарувачка за работни места во големите градови се одразува врз вредноста на митото што се бара за нив.
Многу медицински работници го обвинуваат здравствениот систем, верувајќи дека тој создава повеќе лекари отколку што може да се вработат. На корупцијата на пазарот на труд, како и масовната преселба на персоналот во Западна Европа, се гледа како на производ на ова изобилие. Сепак, недостигот од лекари во некои делови на земјата ја комплицира оваа слика.
За да ги истражи тврдењата за преголемата понуда, БИРН се обиде да го спореди бројот на лекари ангажирани од страна на јавните болници во 2012 година со бројот на оние кои го завршиле школувањето. Но во текот на четири месечната истрага, ниту Министерството за здравство, ниту националната агенција за статистика, ниту медицинското надзорно тело не беа во можност да кажат колку лекари биле вработени.
„Министерството за здравство нема стратегија за човечки ресурси”, вели Думитру, менаџерката на болницата во Филиаси. „Тие не собираат статистички податоци кои покажуваат колку медицината се променила”.
Астарастоае, раководител на медицинското надзорно тело, вели дека Министерството за здравство дури неодамна започнало да ги зема предвид советите од неговата агенција за тоа колку болнички лекари се потребни секоја година.
„Резултатите ќе бидат видливи по шест или седум години”, вели тој. „Сега, имаме невработени лекари со одредени специјализации, а во исто време ни недостасуваат со други специјализации”.
Владата ги отфрла критиките, инсистирајќи на тоа дека бројот на лекари кои се квалификувани за болничка работа одговара на потребата. „Ние сме темелни во одлучувањето колку места да се одвојат во болниците секоја година на стажантскиот испит “, вели Николаеску, министерот за здравство.
Плати за да поминеш
Корупцијата е вообичаена низ целиот романски образовен систем, а медицинските училишта не се исклучок.
Осум од 10 студенти на медицина интервјуирани од страна на БИРН изјавија дека „договориле” најмалку еден испит – со други зборови, понудиле пари или подароци за да обезбедат подобри оценки. Сите зборуваа под услов да останат анонимни.
Разликата меѓу подароци и мито може да не е јасна, обично кога група студенти ги дели трошоците за купување на подарок за тој што ќе ги испрашува.
„Купувавме скапи парфеми за жените … и виски за мажите”, вели еден поранешен лекар од Букурешт. Тој вели дека ја напуштил медицината, бидејќи му било непријатно со корупцијата.
За резултатите од некои испити мора да биде платено во готово. Интервјуата на БИРН со студентите укажуваат дека вредноста на ова мито варира од 100 до 600 евра, во зависност од институцијата.
Една студентка од град во западна Романија вели дека платила 100 евра за да избегне тежок испит. „Ако одбиев да платам, професорот ќе продолжеше да поставува прашања се додека не дојдеше до она што немаше да знам да го одговорам”, вели таа.
Неколку студенти по медицина од град во јужна Романија велат дека тие платиле околу 200 евра за купување на завршени тези од нивните ментори, кои потоа ги доставиле како свои на финалниот испит.
Бидејќи никој не беше подготвен да биде цитиран по име или да го изнесе својот случај пред властите, БИРН не можеше да ги потврди нивните тврдења.
Сепак, раководителите на двете институции каде што овие ученици се запишани беа замолени да одговорат на распространетите наводи за корупција. И двете ги негираа тврдењата и застанаа во одбрана на угледот на нивниот персонал.
Елена Станку е новинарка од Букурешт. Уредник е Нил Арун и овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациите Robert Bosch Stiftung и ERSTE Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.
Корупција во српските болници
Граѓанската организација, „Србија во движење“, неодамна отвори услуга за пријавување на корупција во здравствениот систем преку текстуални пораки.
Речиси една третина од сите случаи кои ги снимиле се однесувале на корупцијата во процесот на вработување.
Лекарите и медицинските сестри се жалеле дека им биле барани пари, кога аплицирале за работа, според Предраг Стојичиќ, претседател на одборот на „Србија во движење“.
Тој вели дека вредноста на митото варирало од 5.000 до 15.000 евра, при што поголеми износи се барале за работни места во болниците во големите градови како Белград, Нови Сад и Ниш.
Стојичиќ обвинува дека дел од проблемот е во образовниот систем, велејќи дека произведува повеќе лекари отколку и се потребни на земјата.
Романските лекари во странство
Речиси 2.500 лекари ја напуштиле Романија во 2012 година, според Лекарскиот колеџ, медицинското надзорно тело во земјата.
Сепак, вкупниот број на медицински лица кои ја напуштиле Романија најверојатно е повисок, бидејќи горенаведената цифра не ги вклучува многуте кои мигрирале пред целосно да бидат квалификувани како лекари.
Во меѓувреме, според германското медицинско здружение околу 2.910 романски лекари биле регистрирани во Германија во 2012 година. Таа цифра е двојно поголема од 2009 година, кога лекарите во голем број за првпат почнале да ја напуштаат Романија.
Германскиот здравствен систем е во криза заради недостаток од персонал, предизвикана делумно заради миграција на своите медицински лица во Норвешка, Данска и Швајцарија, каде што платите се повисоки.
Според Информативниот центар за здравство и социјална грижа, околу 600 романски лекари работеле во Велика Британија во 2012 година. Повторно, и оваа цифра е двојно поголема отколку во 2009 година.




