Актуелниот претседател на Србија, Томислав Николиќ синоќа најави дека ќе се трка за нов мандат на следните претседателски избори и покрај кандидатурата на премиерот Александар Вучиќ. Николиќ поттекнува од истата партија на која Вучиќ е претседател.
Како што пишуваат српските медиуми, ваквата одлука Николиќ ја донел синоќа на прославата на неговиот 65 роденден.
Претседателството на Српската напредна партија (СНС) неодамна одлучи да му даде целосна поддршка на Вучиќ за изборите по што Вучиќ рече дека без поддршката на претседателот Николиќ ништо не би можеле да направат и дека тоа е негова „историска улога“.
– Оној кој би гласал за мене, би гласал и за него. Тој е најдобар можен кандидат, но ова е проценка поради стабилноста и три-четири отсто, кои би можеле да одлучат. Проценката е дека вака полесно можеме против оние кои се обединија за Србија да ја вратат назад, изјави Вучиќ.
Лидерот на Социјалистичката партија (СПС), Ивица Дачиќ кој е во коалиција со Вучиќ, вели срамно е што Николиќ одлучил да се кандидира и дека тие ќе го поддржат актуелниот премиер.
– За Србија најдобро е да се зачува политичката стабилност со тоа што ќе се поддржи кандидатурата која ужива најголема поддршка од народот, и без сомневање тоа е Вучиќ, вели Дачиќ за НовостиОнлајн.
Тој вели ако Николиќ навистина се кандидира, цел СПС и партнерите ќе го поддржат Вучиќ.
– Ако навистина Николиќ се кандидира против Бучиќ, јас лично и цел СПС и партнерите ќе го поддржиме Вучиќ уште посилно бидејќи тоа е логично и рационално. Што може да направи Николиќ без Вучиќ тоа е јасно, ништо, и само би им помогнал на оние кои се против Вучиќ, но и тоа ќе биде безуспешно, потенцира Ивица Дачиќ, актуелниот министер за надворешни работи на Србија.