Во Израел е откриена досега непозната варијанта на Ковид-19.

Како што соопштило тамошното Министерство за здравство, новата варијанта, која ја комбинира доминантната подваријанта Б.A.1 на Омикрон со поновата БA.2, била дијагностицирана на аеродромот Бен Гурион кај двајца патници кои се вратиле во земјата, објави The Times of Israel.

Според надлежните во Израел, се верува дека мутацијата сепак потекнува од нивната земја, а не оти била „увезена“ од надовор.

Министерството за здравство на Израел, утрово објави дека во изминатите денови во Израел биле дијагностицирани два случаи на нова, претходно непозната варијанта на корона вирусот.

Новата варијанта предизвикала лесни симптоми кај двајцата заразени, вклучувајќи ниска температура, болки во мускулите и главоболки и не барала посебен третман.

„Оваа варијанта се уште е непозната ширум светот“, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека случаите биле дијагностицирани со ПЦР тестови земени од пристигнати израелски патници на аеродромот Бен Гурион.

Министерството соопштило дека ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.