За денеска во Кривичниот суд во Скопје е закажано ново рочиште за предметот на СЈО „Насилство во Центар“, во кој се обвинето 12 лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
На претходните рочишта, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
Во една од „бомбите“ се слуша како тогашниот премиер Груевски нарачува на тогашниот градонашалник на Центар од опозицијата Андреј Жерновски да му бидат удрени неколку шамари.
Според новиот распоред на судиите предметот ќе го суди судијата Душан Јосифов. Претходно, „Насилство во Центар“ беше кај судијката Татјана Михајлова, која од овој месец суди во Судот за прекршоци во Градскиот парк во Скопје.