Цуфи Кока е лицето кое пукало кон демонстрантите кај плоштадот Скендербег – е веста со која синоќа заврши уште една политичка епизода среде петтата рунда опозициски протести кои водечката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува „граѓански протести против насилна асимилација и бугаризација на македонскиот народ“.

Цуфи Кока е активист на партијата Алијанса на Албанците и мала проверка на неговиот Фејсбук профил покажа дека тој еднакво ги слави и Зијадин Села и Арбен Таравари – неформални коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, со што се сруши целата теорија на Христијан Мицкоски дека власта се обидела да го убие.

„Вечерва се случи тежок инцидент кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство. И ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотелји и функции на партиите кои се дел од владата. Подолго време добивам неформални информации кои говорат за моја елиминација која ја нарачува власта. Не придавав значење. Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат“, рече Мицкоски на вонредната прес-конференција синоќа во 22 часот додека се уште траеше протестот.

„Овој пиштол кој го гледате на фотографијата и видете го народот кој не му се плаши е свртен кон народот. Тоа е пораката од власта. Оваа слика јас ви ветувам дека нема да ја заборавиме. Тој беше насочен за губење на нечиј невин човечки живот. На овие слики кои ги гледаме не е најважна етничката припадност, туку гледаме криминалец, хушкач на власта кои заедно со власта оди против народот“, рече Мицкоски.

Неполн час потоа беше откриено дека пукачот крај Мавровка кој беше повод за прес-конференцијата на опозицискиот лидер Мицкоски, е всушност дел од опозицискиот камп предводен од ВМРО-ДПМНЕ. Тој исто така е и брат на директорот на скопска Комунална хигиена кој е од истата политичка афилијација Алијанса на Албанците што го доведува до раководна позиција во јавното претпријатие, која скопската градоначалничка Данела Арсовска синоќа му ја одзеде поради поврзаноста со инцидентот.

„Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите. И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност“, порача Арсовска два часа по инцидентот, објавувајќи го разрешувањето на директорот.

Цуфи Кока пукаше од огнено оружје за време на протестите, мотивите за тоа не беа откриени. Инцидентот се случи во моментот кога демонстрантите го минуваа подвозникот под Стоковната куќа Мост во близина на трговскиот центар Мавровка. Една група која се наоѓаше кај плоштадот Скендеберг и групата демонстранти на булеварот најпрво фрлаа со камења и шишиња едни кон други. Потоа групата демонстранти се упати кон втората група и дојде до кошкање и опасност од физичка пресметка. Во тој момент Кока извадил пиштол и испукал повеќе куршуми. За среќа не дојде до поголем инцидент.

За вечерва повторно се најавени протести. „Не се повлекувам, одиме до крај“, објави синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во мѓувреме работните групи од претставници од Парламентот кои од вчера се активираа, не договорија ништо на првиот состанок што се одржа во Клубот на пратениците. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски по состанокот ги изнесе точките на разијдување меѓу Владата и опозицијата во врска со таканаеречениот француски предлог.

„Првата точка во која што интервенираме е точка три од Општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат. Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен, независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македонскиот јазик кој што ќе станува дел од документите на ЕУ“, изјави Николоски.

Николовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ бара и во точка пет од Преговарачката рамка да се брише последната алинеја, која што го вклучува Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12.

Тој понатаму објасни дека неговата партија бара во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“ односно да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите.

Како следно барање е да се избрише точка 13 од преговарачката рамка која што исто така, како што посочи Николовски, го дели преговарачкиот процес.

Владината идеја, пак, е парламентот да усвои заклучоци со кои ќе го поддржи или отфрли францускиот предлог, како основа за натамошното дејствување на Владата. Притоа се исклучени било какви интервенции на понудениот текст бидејќи како што објаснија шефот на Владата Ковачевски и вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ, францускиот предлог е всушност европски предлог кој е прифатен и одобрен од сите 27 членки на ЕУ.

С.К.