Виетнамката Доам Ти Хуонг, која беше обвинета за убиство на полубратот на јужнокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, Ким Џонг-нам, денеска беше прогласена за виновна за „нанесување повреда“.
Како што јави ДПА, Судот во малезискиот главен град Куала Лумпур ја изрече оваа пресуда откако Обвинителството во договор со 30-годишната Доам се согласи да го промени обвинителниот акт и наместо за „убиство“ да ја обвини за „нанесување повреда“, по што таа се изјасни за виновна по новото обвинение.
По ова судијата Азми Арифин и изрече затворска казна на Доам во траење од три години и четири месеци, во кои е вклучено и времето што таа го мина во притвор.
По изрекувањето на пресудата, судијата и ја намали казната на Доам за една третина, со што се очекува таа да биде ослободена од затвор следниот месец.
Максималната казна што можеше да ја добие Доам врз основа на новото обвинение беше 10 години затвор.
Доам првично беше обвинета за убиство на Ким Јонг-нам така што го испрскала в лице со нервниот агенс Ве-Икс на аеродромот во Куала Лумпур во февруари 2017 година.
Засега нема реакција од Пјонгјанг за пресудата на Доам.
На почетокот на минатиот месец, другата обвинета за убиството на Ким Јонг нам индонежанката Сити Аисјах е ослободена од обвинението и пуштена од затворот во Малезија.
Одлуката за ослободување на Аисјах е донесена откако судијата го прифати барањето на Обвинителството да се откаже од обвинението.





