Обвинителството за организиран криминал и корупција на денешната прес-конференција за случајот „Еразмус“ посочи дека полициската  акција по наредба на јавен обвинител била извршена по сите светски стандарди и заслужува почит.

Во „Еразмус“ осомничени се осум лицa од кои шест професори на Економскиот факултет при УКИМ, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс.

Tиe се сомничат за повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, според обвинителството, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување на сексуални услуги заради полагање на испит.

Обвинителката Лидија Раичевиќ посочи дека за барање сексуални услуги има само сомнение за двајца, без прецизирање дали се работи за машки или женски, но тврдеше дека не може да сподели детали со јавноста, бидејќи нема цврсти докази.

Акцијата на УКИМ во присуство на силно полициско обезбедување била извршена шест минути по  извршеното дејствие, кога еден од осомничените примил мито од 1 000 евра на паркингот зад Правниот факултет.

Таму во текот на акцијата со часови беше задржан професорот Бобек Шуклев – единствен осомничен кој обвинителката го спомена со целосно име и презиме, а подоцна беше извршен претрес во неговото возило.

Во текот на акцијата на Универзитетот можеше да се забележи силно полициско обезбедување во присуство на единицата Тигри.

За петмина осомничени во „Еразмус“ судот определил мерки на претпазливост, односно јавување во судот и одземање на патнтие исправи.

За тројца, обвинителството не побарало итни мерки, затоа што, како што рече Раичевиќ степенот на сомнение за нив не е во толкав обем, а нивното присуство да е задолжително.

Осомничените биле следени две години со посебни истражни мерки, а дел од сведоците се и студенти. Обвинителството ги рагледува  и студентските досиеја и индекси прибавени од претресот на неколку кабинети на УКИМ и бифето. Досега е евидентиран поткуп од вкупно 2 800 евра.

-Доказите во овој предмет ве уверувам дека се цврсти и многу ми е жал што законот не ми дава можност да ги соопштам. Сите докази што се потребни се обезбедени, рече обвинителката Раичевиќ.

Во однос на прозивањата за упад во автономијата на Универзитетот, обвинителството посочи дека  согласно Законот за високо образование , кога полицијата се соочува со затекнато лице на извршување на кривично дело или треба да спречат такво дело може да влезе на просторот на Универзитетот.

-Не значи дека ако има автономија, може да има кривични дела. Ќе се согласите дека автономија по дефиниција не значи анархија, рече Раичевиќ.

Обвинителката  за јавноста сподели информации кои уште вчера беа пласирани преку прес-конференцијата на министерот за внатрешни Митко Чавков и соопштение од судот.

На новинарско прашање, таа призна дека денешната прес-конференција е задоцнета.

-Сметам дека е предоцна прес-конференцијата, не е предоцна туку е доцна ајде да не бидеме толку строги. Јавниот обвинител треба да излезе за вакви предмети, јас лично се извинувам за ова, затоа што во ситуација кога се работи за предмети со голем ангажман, јас едноставно не помислив на прес-конференција. Што се однесува до прес-конференцијата на Митко Чавков, ние делегираме дел од надлежностите на МВР, во тој дел сметам дека министерот може да излезе во јавноста, рече Раичевиќ.

 

МВР: Пронајдени докази дека осомничените земале мито за преодни оценки