Генерално има сериозно зголемување на бројот на барања за издавање лични документи, но обрасци за сите лични документи има доволно. Службите се добро организирани и работат и секој граѓанин ќе добие личен документ за кој има потреба, потенцира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во утринската програма на МТВ.

Тој наведе дека од 5 до 14 јули 2021 се поднесени вкупно 41.864 барања за издавање лични документи.

– За една недела имаме барања колку што сме издавале документи во целиот јуни, а некаде и околу три илјади повици дневно за барања за издавање лични документи и околу илјада преку електронскиот пристап за закажување термин, потенцира министерот.

Спасовски информира дека во јуни се издадени 42 илјади патни исправи, околу 20 илјади лични карти и околу 10 илјади возачки дозволи, а тоа е, како што рече, речиси двојно зголемување од тоа што е нормално во летниот период и се издавале во земјава.