Периодичната синтеза на глобалните настани помага да се следат процесите во светот и меѓународната заедница, и можеби да се протолкуваат некои процеси кои се одвиваат и во македонското општество. Токму затоа НоваТВ, реши периодично да сумира одредени меѓународни настани како симболичен придонес кон толкување на светските случувања кои можат да имаат и извесен мултилатерален ефект и последици.

Пишува Нано Ружин

Независно што внатрешната и надворешната политика се во постојана комуникација, јавното мислење на една држава секогаш покажува поголем интерес кон внатрешната политика и состојби. Познат е слоганот на Морис Диверже дека во изборните кампањи доминираат прашањата од внатрешната политика. Тешко е дека ќе победите потпирајки се исклучиво на надворешната политика. Дали нашето општество станува заложник на внатрешната политика? Доволно е едноставен поглед врз електронските  и пишаните медиуми, дебати, говори за да се констатира доминацијата на внатрешанат политика.Дали понекогаш заради таквата опсесија не се согледуваат големите регионални и светски глобални настани. Кој можеше на почетокот на 20-от век да предвиди дека Европа и Америка ќе ја доживеат големата светска економска криза од триесетите години? Кој можеше да ја предвиди Втората светска војна, “Кубанската криза“ или имплозијата на Советскиот Сојуз во деведесетите? И кој може да си претстави дека Ал Каеда ќе го изврши најголемиот оружан напад врз тлото на САД на 11.09 2001? Дали тоа беа утопии или идеологии?

Како и да е патот од утопијата до идеологијата понекогаш е долг само еден чекор. Историјата не учи дека е потребен голем сомнеж кон идеолошките конструкции кои настојуваат да го објаснат и водат светот. Дали човекот пред чии очи исчезнува утопијата е соочен со статичка состојба каде тој се сведува на обичен предмет? Затоа периодичната синтеза на меѓународните настани помага да се следат процесите во меѓународната заедница, и можеби да се протолкуваат некои процеси кои се одвиваат и во македонското општество.

Токму затоа редакцијата на НоваТВ, реши периодично да сумира одредени меѓународни настани како симболичен придонес кон толкување на светските настани кои можат да имаат и извесен мултилатерален ефект и последици.

Нови и стари влади: Во Романија по неколкумесечната политичка криза, во ноември 2021 беше избрана новата влада на чело со Николае Чиука, генерал во пензија на чело на коалицијата помеѓу либералите на ПНЛ и социјалдемократите на ПСД.

Photo: NYT

Во Германија Олаф Шолц и официјално стана канцелар на Германија. Ова откако беше постигнат договор за коалициона влада на Социјал-демократите, зелените и либералите. Ова е прва пост-Меркел влада. Главна задача на новата влада е санацијата на состојбата со пандемијата на здравствено и на економско поле. Во Никарагва, претседателот Даниел Ортега повторно е избран на истата функција во ноември 2021 со што го отпочна неговиот четврт мандат..Овој избор е без изненадување бидејки Ортега ги уапси сите негови политички ривали. Тој наговести дека Никарагва ќе ја напушти Организацијата на американските држави која го критикувала неговиот авторитаризам, и не го признала легитимитетот на неговата изборна победа.  

Џихадистите во Сахелот: Злосторстава на џихадистичките движења продолжуваат во областа на африканскиот Сахел. Во Нигер и Буркина Фасо беа убиени преку 50 полицајци и дваесетина цивили. Меѓу населението постои големо разочарување заради неспособноста на француските безбедносни сили да го заштитат локалното население и тоа во момент кога јакне руското влијание во Мали со присуство на руската компанија на платеници Вагнер инаку мошне блиски до воената хунта во Бамако. Во овој регион се случува вистинска информативна војна помеѓу Москва и Париз. Москва прогресивно се наметнува на локалното јавно мислење  на Сахелот.

Мигранскиот притисок на границите на Полска се интензивира во текот на месец ноември. ЕУ се спротиставува на изградба на нови ѕидови заради негативната политичка цена кон јавното мислење на Европа и неповолниот медиумски рефлекс. Полска е осамена во напорите за заштита на границите кон Белорусија која ги пренасочува емигрантите од Блискиот исток се до границите со Полска.  Тој мигрантски притисок беше интегриран во рамките на „стратешкиот компас“ на ЕУ. Во експертските кругови, дестабилизацијата на  источната граница на ЕУ, се вклучува во доменот на „хибридните закани“ односно „хибридна војна“.Според дефинијата на Шефот на Генералштабот на  француските воени сили Генерал Бурхард, „ стратегиите чија цел е да ја ослабат внатрешната состојба на односната држава со напади врз националната кохезија“ се смета за хибриден напад. ЕУ е должна да одговори на сите закани било да се работи за безбедноста на нејзините источни граници или на средозмените граници кои се загрозени со мигрантите кои настојуваат да стигнат во Европа преку Мароко и Алжир. Брисел се избори да се блокираат летовите на авионите кои од Турција и Емиратите пристигаат во Белорусија.

Photo:BBC

Русија уште од почетокот играше матна игра, но сепак влијаеше врз Белорусија за да престане со префрлањето емигранти на границите со Полска и Литванија. Овие држави како да си играат со судбината на мигрантите чија состојба воопшто не е поволна заради ниските температури и неповолните сместувачки капацитети. Илјадници луѓе,жени и деца се изложени на студ, дожд, глад, болести. За да состојбата биде уште поалармантна со мигрантите, покажа и трагедијата која се случи во водите на Ла Манш кога 30 емигранти воглавно Курди ги загубија животите.

КОП 26-слаб биланс: од ноември 2021 чија цел беше да го задржи затоплувањето на планетата на 1,5 степен , преку смалувањето на создавањето на гас со ефект на стаклена градина (GES). Претседателот на конференцијата,  Британецот Алок Шарма, не успеа да изговори како што се надеваше дека завршила „ерата на јагленот“. Индија кон крајот на преговорите даде до знаење дека не е во можност да се откаже од „користењето на јаглен“ енергија од која многу зависи туку се изјасни за едно „ прогресивно намалување“ на неговата употреба. Сепак државите се договорија за смалување на нивните GES ефекти за 45% во однос на 2010 до 2030 , за да до 2050 целосно се исклучи употребата на јагленот. Богатите држави се ангажираа да трансферираат кон земјите во развој до 2025 околу 100 милијарди долари, кои биле ветени уште на конференцијата во Копенхаген. Воедно уништувањето на амазонските шуми продолжува со истот интензитет. Можностите  за надминување на проблемот на селаните без земја сеуште е актуелен, а годишната сеча на амазонските шуми е колку територијата на државата Катар. Франција ке инвестира 9 милијарди евра во хидрогенскиот домен, проект кој има за цел промоција на декарбонизацијата, во што се очекуваат 100 000 нови работни места.

Photo: Jutarnji list

Талибански режим: По заминувањето на американските маринци од Авганистан во државата беше воспоствен талибанскиот поредок. Во оваа трагична држава без  поголеми изненадувања животот стана  тежок и неподнослив за сите авганистанци кои мечтаеа за поголема еманципација и придружување кон современиот свет. Жените почнаа да ја плаќаат највисоката цена на теократијата и половата дискриминација.Огромниот број жени молчат и се кријат во своите домови, а младите девојки ги мажат на сила со претходно договорени аранжмани меѓу семејствата. Продолжија и јавните егзекуции, особено на удар се Азарите и шиитите. Владее страв и терор, насилство и хуманитарна криза која набргу ке ја зафати целата држава. Да не се заборави дека поминаа само три месеци откако Талибанците ја презедоа власта од Американците.

Photo: BBC

НР Кина: во ноември 2021 кинеската политичка елита најнапред се позанимава  со поголемата контрола врз гигантите Алибаба и Џек Ма. Потоа на ред дојдоа  со личностите од доменот на културата и спортот.Овие вести прераснаа во водечки светски теми . Популарната глумица Чао Веи инаку голем поклоник на Изабела Ипер, од летото 2021 едноставно исчезна од медиумите. Нејзиниот Фејсбук и Инстаграм исто така беа затворени.  Слична судбина доживеа и тенисерката Пенг Шуае која исчезна од почетокот на ноември 2021 откако обзнани дека висок кинески функционер ја силувал. Соочен со големите критики, Пекинг сепак овозможи тенисерката  кратко да се појави пред камерите но независно од овој чин Светската федерација на женскиот тенис реши да ги поништи сите меѓународни тенски турнири во Кина. САД и ЕУ сметаат дека Претседателот Кси Џинпинг наметнува многу авторитарни потези, кои се почуствуваа во последните неколку години. Овој вид авторитаризам особено зајакна во Кинескиот Туркменистан и во Хонг Конг. Кинескиот НВО сектор нема голем простор за маневри. САД решија да ги бојкотираат Зимските олимписки игри во Кина, со одсуството на официјални лица на Олимписките игри како нов вид бојкот наречен „диломатски бојкот“. Наспроти тоа американските спортисти ќе учествуваат на зимските олимписки игри.

Photo: DW

Ковид-19:Во ноември 2021 во Европа пристигна новиот бран на епидемијата КОВИД-19, кој наметна серија рестриктивни мерки, кои создадоа силни општествени тензии. Неколку виолентни манифестации се случија во Белгија, Холандија, Франција..како и во прекуморските француски територии Гвадалупа, Мартиник каде демонстрантите предводени од антиваксерите се решени масовно да не се вакцинираат. Една од големите причини на незадоволството е и деградацијата во довербата кон Франција која дозволила да се употребува пестицидот Клордекон при одгледувањето на плантажите со банани, инаку пестицид кој е забранет во САД и се смета за канцероген. Воедно сиромаштијата и невработеноста биле додатен мотив на незадоволството на граѓаните на Мартиник и Гвадалупа. Светската здраствена организација предвидува нови насилства по проширувањето на новата ковид варијанта во Јужна Африка- „омикрон“.

Јакнење на авторитаризмот: „Моќните политичари силно ја засилија  извршната власт. Жаир Болсонаро во Бразил, Реџеп Ердоган во Турција, Наренда Моди во Индија, Владимир Путин во Русија. Уставните промени во Уставот на Русија му овозможија на Путин уште долго врема да остане на власт до 2035 година. Во Кина Кси Џинпинг веќе успеа неговите мисли да бидат запишани во Кинескиот Устав, што асоцира на наследствата од епохата на Мао. “ На 6 от пленум на Централниот комитет на КП на Кина, неговата улога беше уште позајакната, бидејки Кси Џинпинг беше оценет како „лидерот кој воспоставил ред во Хонк Конг и успеал да го победи корона-вирусот во Кина“.

Велика Британија во пост-Брекзит епохата, го потпиша стратешкиот договор со САД и Австралија наречен АУКУС. Овој договор беше конкретизиран со поништувањето на „нарачката на векот“ за изградбата на австралиските подморници  од страна на Франција. Лондон и Отава станаа партнери во големиот канадски Север. Се работи за стратешки договор со кој се настојува да се заштити овој дел на Канада од руските и кинеските стратешки амбиции. Отава настојува да ја заштити сувереноста на својот Канадски Арктик, каде сега се стационирани британски експерти и воени сили.

Images: RFI

Во Франција, беше инциран проектот „Миријад“, наменет за „подобро разбирање  и антиципирање и идентификување на критичните фактори на когнитивната војна. Целта е да се истражи ранливоста на човечкиот мозок како нов домен на конфликтите. Повеќе не се работи за „војна на влијанија“  туку за широки акции на манипулација во разни полиња , како социјални мрежи, сајбер и тн. за да се дестабилизра противникот на долгорочна основа.

Франција ја јакне сопствената позиција на вселенска сила, таа и натаму е должна да се придржува кон европската солидарност во овој домен. Во ноември 2021, Париз и Рим потпишаа договор за соработка во повеќе области за 2022. Дали се создава новиот тандем на ЕУ, Франција-Италија? Со оглед на мошне сомнителната репутација на Италија во однос на управување со јавните фондови, меѓу француските аналитичари се наметна и извесна доза на сомнеж во одвивањето на оваа соработка. Инаку по продажбата на воениот арсенал на Грција, Франција и продаде на Хрватска повеќе воени авиони „Рафал“ со што зајакна соработката помеѓу овие две држави. Најавена е голема продажба на „Рафал“ борбените авиони и на Судиска Арабија во износ од 17 милијарди евра.

Images: Azernews

Русија и вселената:Во ноември 2021 Русија уништи еден од своите сателити Космос 14-08 лансиран уште во епохата на СССР во 1982. Овој чин создаде бројни реакции околу загадувањето на вселената, но за меѓународната стратегија, најзначајната е онаа со која Русија сакаше да покаже дека е способна да води антисателитски стратешки војни. Ова е голем сигнал за Русија во моментот кога „трката за вселенскиот простор се интензивира. Овој вид уништувања на сателити е забранет со оглед што создава силна вселенска полуција и го анимира прашањето на зачувувањето на вселенскиот простор и неговата милитаризација. Ова само покажува дека територијализацијата на вселената станува реалност. Во ноемврии 2021 Русија испрати од космодромот Плесетск еден нов воен сателит кој е дел од вселенската антиракетна одбрана на Русија.

Најголем трговски договор во Азија: Во ноември 2020 Кина иницира регионално економско глобално партнерство РЦЕП кон кое пристапија Јапонија. Јужна Кореја и земјите на АСЕАН. Австралија и Нов Зеланд се прдиружија кон оваа групација во ноември 2021. Договорот ќе почне да важи од 1 јануари 2022 и претставува најширок трговски договор, по транспацифичкиот договор кој го потпиша Барак Обама, а потоа го поништи Доналд Трамп.   Овој нов комерцијален блок ја опфаќа 30% од светската популација и на светското производство Овој договор на слбодна размена ги смалува царинските тарифи за 90% на стоките во зоната и дефинира неколку заеднички правила. Договорот претставува голема стратешка победа на Кина  во инаку напнатиот Индо-пацифички геополитички простор. По договорот од 2020 потпишан помеѓу Израел и Мароко со асистенција на Доналд Трамп, двете држави потпишаа и договор за воена соработка.