Игор често излегува до доцна во ноќта. Преку ден учи па навечер е изморен. Како и секој млад човек, не сака да ги пропушти добрите журки и дружењето. Како лек за уморот пие енергетски пијалоци:

“Пијам доста често, навечер на журки обично со вотка. Уморот си заминува како со рака кренат”, ни раскажува младиот човек. Иако е млад и здрав се сеќава дека понекогаш срцето забрзано му работи. Според него, причината е уморот. Енергетските пијалоци не ги доведува во прашање.

Овие пијалоци во Македонија се во слободна продажба. На Игор и на неговите другари никој не им кажал дека оваа напивка содржи кофеин, таурин и други супстанци кои, во големи дози, се штетни за здравјето.

И не знаат дека енергетските пијалоци се ризични особено кога се комбинираат со алкохол.

Сива зона

Може слободно да се каже дека во Македонија продажбата на енергетски пијалоци се наоѓа во сива зона.

“Нема никава законска рамка освен означувањето на опаковката за состојките што ги содржат овие пијалоци. Македонските институции за безбедноста на храна и пијалоци немаат проценка за ризиците од употребата на енергетските пијалоци особено ако тие се комбинираат со алкохол или за време на голема физичка активност”, вели за НОВА извор од една македонска институција задолжена за испитување на безбедноста на храната.

Ова е особено значајно ако се знае дека младите лица често ги пијат овие производи. Но во Македонија не постојат статистики за тоа колку се пие и колкава е возраста на лицата кои пијат.

Додека во Европа и во САД редовно излегуваат информации за ризиците врз здравјето па дури и смрт предизвикана од овие пијалоци, во Македонија такво истражување не постои. Случаите на лица кои завршуваат во болница по консумирање на ваков тип пијалоци кај нас се заведуваат како последица на прекумерно пиење алкохол но не е испитано дали тие лица пиеле и енергетски пијалок.

Консумацијата на енергетските пијалоци со алкохол е многу честа појава насекаде но и во Македонија. Освен можните здравствени ризици, според француската агенција АНСЕС, тоа доведува и до “ризично сексуално однесување, несреќи со паѓање или ризично возење под дејство на алкохол”.

Феноменот е познат и во Македонија. Нашиот правобранител уште во 2008 година ја подвлекол потребата да се “заштитат децата од се почестото консумирање алкохол и пушењето, како и употребата на дрога и користењето на енерегетски пијалоци”.

Според изворот на НОВА, потребно е да се донесат подзаконски акти на постоечкиот Закон за безбедност на храната за да може да има јасни предупредувања до потрошувачите за ризиците од пиењето на овие напивки.

Mакедонските закони од оваа област се хармонизирани со европските. И додека европските земји го испитуваат проблемот, македонските институции се чини не ја следат европската дебата за употреба на енергетски пијалоци.

img_7082-1

Најновата информација која ја објави опозицијата открива дека во Македонија од Косово бил дозволен увоз на пијалокот Ламар кој содржи и алкохол и висока концентрација на кофеин, дури и 320 мл за еден литар. Увоз на пијалоци кои содржат и кофеин и алкохол не е дозволено во ниту една земја во Европа и во регионот освен на Косово.

Македонија треба да донесе подзаконски акти на постоечкиот Закон за безбедност на храната за да може да има јасни предупредувања до потрошувачите за ризиците од пиењето на енерегетските пијалоци.

Европски податоци

Така на пример, во 2013 година ЕФСА, европската Агенција за безбедност на храната, објави извештај од кој јасно произлегува дека токму младите, помеѓу 10 и 18 години, се најголемите потрошувачи на енергетски пијалоци.

Така, 68 отсто од оваа возраст се редовни корисници додека 24 отсто испиваат над 7 литри месечно. Уште полошо, 18 отсто децата од 3 до 10 години исто така редовно ги пијат овие пијалоци а од нив 16 отсто испиваат до 4 литри месечно.

Околу 53 отсто млади од 10 до 18 години ги пијат овие пијалоци во комбинација со алкохол.

Научната група на ЕФСА уште во 2010 година заклучува: “Вакви случаи се забележани дури и кај млади лица кои консумираат вакви пијалоци во големи количества било во комбинација со физичка активност било во комбинација со аклохол”, заклучува ЕФСА и додава дека е “можно овие здравствени проблеми да се резултат на несаканите ефекти од апсорбцијата на кафеин”.

2000px-efsa_logo-svg

Оттука, ЕФСА смета дека e значајно “потрошувачите да бидат сензибилизирани на ризиците на прекумерната употреба на овој тип пијалоци, особено кај некои категории, но исто така да се предупредат дека лицата кои мешаат алкохол со енергетски пијалоци се изложени на опасноста од комбинацијата на кофеин и алкохол”.

Во јули 2016 година Европскиот парламент усвои резолуција на оваа тема во која се вели дека енергетските пијалоци кои содржат кофеин не смеат да се рекламираат како пијалоци кои ја зголемуваат концентрацијата. Освен тоа, овие пијалоци содржат и големо количество шеќер.

«Не сакаме да кажеме дека возрасните не треба да пијат кафе или енергетски пијалоци. Но не сакаме исто така им помагаме на производителите да заработат уште повеќе со наводи кои, според нас, не се адаптирани на децата», изјави Кристел Шалдемоз, автор на резолуцијата.

Документот додава дека и Европската комисија смета дека наводите според кои кофеинот ја зголемува концентрацијата не смеат да бидат користени на производи што ги користат и децата.

Европскиот парламент во јули годинава побара од Европската комисија да воведе правила за комерцијализација на овие производи со високо количество кофеин.

Освен ознаката дека пијалокот содржи “висока доза на кофеин”, како што тоа се прави во Македонија, потребни се и други предупредувања за ризикот врз здравјето, особено на младите, децата и бремените жени.

Според една француска студија од 2014 година, во 2012 година 250 лица побарале лекарска помош поради тахикардија, висок притисок, болки во градите, епилептична криза, вртоглавица па дури и халуцинации. Имало и два смртни случаи. Смртни случаи се забележани и во САД.

51b73ea9e4b0de6db976c0d3

Некои земји членки, како Литванија, веќе забранија проджаба на енергетски пијалоци на малолетници.

Според француската агенција за храна пиењето на 250 мл ваков пијалок е рамно на две еспресо кафиња.

Родителите треба да се потсетат дека на нивното малолетно дете не би му дале да пие кафе и исто така треба да се однесуваат кога се работи за енергетски пијалок.