Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи не сака да го коментира последниот предлог што го даде медијаторот Метју Нимиц на вчерашната средба во Њујорк со преговарачите Васко Наумоски и Адaмантиос Василакис се додека не биде разгледан и не се изгради заеднички став, но нагласува дека е добро што има нов предлог за името.
– Не можам да коментирам за последниот предлог бидејќи треба да стигне во Скопје. Мислам дека во понеделник ќе имаме заедничка средба за да го разгледаме и да изградиме став. Знам колку сме посветени и одлучни да одиме до крај во решавање на ова прашање, знаејќи го контекстот и историскиот моментум пред кој се наоѓаме како држава. Добро е што има предлог и се интензивира целиот процес и што има меѓусебни директни контакти помеѓу владите на различни нивоа. Тоа е единствен предуслов да стигнеме до ситуација да изнајдеме решение, рече Османи.