Тројката претседавачи со ОБСЕ, министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на Полска, Збигњев Рау и на Шведска, Ан Линде, утре ќе отпатуваат на полско-украинската граница. За време на нивниот престој ќе остварат средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и ќе го посетат прифатниот центар за бегалци во близина на граничниот премин Корчова.

Посетата на трите министри е во насока на поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина согласно меѓународното право и основните документи на ОБСЕ, како и за заштитата на основните човекови права на украинските граѓани. Како дел од тројката претседавачи на ОБСЕ, ќе се разгледаат можностите за искористување на механизмите и алатките на ОБСЕ за ублажување на последиците од војната, соопшти кабинетот на министерот за надворешни работи Бујар Османи.