Јапонската фудбалска асоцијација му врачи отказ на селектор Вахид Халилхоџиќ на нешто повеќе од два месеца до почетокот на Светското првенство во Русија. Како образложение на одлуката се наведуваат проблеми во комуникацијата и загубена доверба кај играчите. Работата со националниот тим му е доверена на Акира Нишино, техинички директор во Федерацијата на „земјата на изгрејсонцето“.
Халилхоџиќ ја презеде репрезентацијата на Јапонија во март во 2015 година, а последен ја водеше во двата пријателски меча во минатиот месец во кои ремизира со Мали (1:1) и загуби од Украина (1:2).
Јапонците во Русија ќе играат по шести пат на фудбалските мундијали. Двапати досега ја минуваа групата и се соочуваа со елиминација во осминафиналето. На претстојниот турнир ќе играат во Х конкуренцијата заедно со Полска, Колумбија и Сенегал.