Министерот за внатрешни работи на Словачка, Роберт Калињак денеска поднесе оставка, по антивладините протести поради убиството на новинарот Јан Куциак и неговата вереница.
Десетици илјади луѓе во петокот протестираа во Братислава и другите словачки градови барајќи темелна истрага за убиството на новинарот Јан Куциак и неговата вереница и оставка од премиерот Роберт Фицо.
Тоа беа најголеми протести во Словачка од Кадифената револуција во 1989 година.
Организаторите на протестите побараа во истрагата за убиството на новинарот Куциак да се вклучат и странски експерти, но бараат и нова истрага во која нема да учествуваат лица поврзани со организираниот криминал и корупција.
Фицо, претседателот на Словачка Андреј Киска и претседателот на Парламентот Андреј Данко не успејаа да се договорат за заедничка декларација со која би се смирила ситуацијата во Словачка по убиството на новинарот.
Телото на 27-годишниот Куциак и неговата девојка Мартина Кушнирова беа пронајдени со прострелни рани на 25 февруари во нивниот дом.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ), британскито Скотланд јард и Европол и помагаат на словачката полиција во истрагата за убиството на новинарот.