Украински авион од типот „боинг 737“ со 176 патници и членови на екипажот се урна по осум минути од полетување на аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран. Иранската „Црвена полумесечина“ соопшти дека нема шанси се пронајдат преживеани, јавува „Би-Би-Си“.

Според првичните извештаи, авионот летал кон Киев и нејасно е дали инцидентот е поврзан со најновите иранско-американски конфронтации на Блискиот исток. Во петокот во Багдад, во воздушен напад со дрон на американските сили, беше убиен генералот Касем Сулејмани, а вчеравечер, иранските безбедносни сили ракетираа две воздухопловни бази на ирачка територија.
Голем дел од воздушниот простор во тој регион е „исчистен“ за комерцијални летови поради синоќешните ирански напади. Податоци од радарскиот лет покажуваат дека авионот одеднаш исчезнал од системот.
„Сите патници и членови на екипажот се мртви. Во авионот имаше преку 160 лица“, изјавија официјални лица на украинското министерство за надворешни работи за новинската агенција „Ројтерс“
„Flightradar“ објави дека авионот пристигнал нов во Украина во 2016 година и од тогаш бил ставен во служба.
Компанијата „Боинг“ со месеци е мета на сериозни критики за проблемите кај патничките летала од верзијата „макс 737“. Ова е прва авионска несреќа во 2020 година. Лани во несреќи во авиосообраќајот животот го загубија 578 лица.