Единаесет полицајци кои не одговориле на работните задачи за време на крвавиот четврток добија отказ, потврдија од МВР за НОВА.
Според неофицијални информации отказ добил целиот кордон полицајци кои биле пред Собранието и уште неколку други и тоа за наводно непревземање мерки во момент на извршување на кривично дело.
Во изминатите неколку месеци се правеле проверки колку полицајци биле на смена на 27 април, кои дозволиле да ескалира насилството без да ги спречат инцидентите. Во меѓувреме, како што велат од МВР, продолжуваат дициплинските постапки против останатите.
На брифинг минатата недела, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека засега суспендирани се 42 полицајци, а против 70 се водат дисциплински постапки.
По крвавиот четврток, настаните ги расветлуваше и јавното обвинителтсво и во меѓувреме беше покренато обвинение за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, а на четири години затвор беше осуден напаѓачот на пратеничката Радмила Шеќеринска.