Со договорите кои ќе ги потпишеме денеска, ќе се обврземе за достапност на храна до нашите граѓани, прво меѓу себе да си помогнеме секаде каде е потребно. Добро е што на овој Самит одговараме за можностите за соработка и во областа на енергетиката. Постојат потенцијали за развој во рехабилитирање на интерконекциските врски за зголемување на можностите за електроенергетска размена и за соработка во делот на изградба на фотонапонски централи, рече Ковачевски на денешниот самит на Отворен Балкан што се одржува во Белград.

Македонскиот премиер подвлече дека во наредниот период треба да се интензивираат активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија.

На самитот, како што најави Ковачевски во обраќањето, ќе се потпише договор за оперативен план за справување со катастрофи со кој ќе се овозможи олеснување на процедурите и скратување на времето потребно за помош таму каде што е најпотребно.

„Се собравме да ја промовираме регионалната соработка на патот кон Европската унија. Заедно се обврзавме да го олесниме слободното движење на луѓе, стоки и услуги. Градивме меѓусоседски односи и доверба меѓу пријателските земји“, рече Ковачевски и додаде:

„Додека некои други размислуваат дали тоа може да не оттргне од европскиот пат, ние, напротив, веруваме дека на европски начин го направивме она што е потребно за нашите граѓани и нашите земји, промовирајќи ја регионалната соработка, како што прават земјите во Европа“.

Тој истакна дека соработката меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија го отвори патот за тие земји да се справат со предизвиците обезбедувајќи храна и енергија за своите граѓани, во време кога земјите ширум светот се борат со последиците од војната во Украина и пандемијата.

„Со договорите што ќе бидат потпишани на овој самит, ќе се заложиме за стабилност кога е во прашање храната за нашите граѓани, да си помагаме кога е потребно, а потоа и на другите земји како што треба да прават добри соседи и како што треба да прават сите земји во светот“, рече Ковачевски. Тој нагласи дека „Отворениот Балкан“ се покажал како функционален и неопходен.

Во своето обраќање тој го покрена прашањето околу границите меѓу овие три земји.

„Ние сме веројатно единствениот регион во светот кој има граници меѓу себе. Сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери на границите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, туку и комплетно кревање на рампите и правење регион кој стопроцентно комуницира помеѓу себе по сите основи“, подвлече Ковачевски.

Домаќинот на самиот, претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека економската иднина на членовите на таа иницијатива зависи од успехот на Отворен Балкан, но и од тоа колку мирот и стабилноста ќе бидат зајакнати во регионот. „Никогаш немало повеќе внимание или енергија фокусирана на успехот на овој проект“, рече Вучиќ. Тој изјави дека по воспоставувањето на „зелениот коридор“ за побрза циркулација на прехранбените производи, растот на размената на тие стоки меѓу членовите на иницијативата изнесува 17 проценти. Вучиќ истакна дека успехот на „Отворени Балкан“ е и фактот што Албанија и Северна Македонија ги започнаа преговорите за влез во Европската унија.

Премиерот на Албанија, Еди Рама рече дека е важно иницијативата Отворен Балкан да ги обедини не само земјите од регионот, туку и други земји како Грција, Турција, Унгарија и Италија и посочи дека лидерите на земјите од Отворениот Балкан испратија јасна порака дека прв избор им е мир. „Дојде денот кога се повеќе земји сакаат да бидат поканети на конференцијата на иницијативата Отворен Балкан, што е знак дека Балканот е исто толку важен за Европа колку што е Европа за Балканот“, рече Рама.

На состанокот, трите земји ќе потпишат договор околу извозот на основните прехранбени производи, односно доколку некоја земја донесе одлука за забрана за избор на основните продукти таа забрана да не важи и за земјите од Отворен Балкан. Како што најавија лидерите Александар Вучиќ, Еди Рама и Димитар Ковачевски, ќе се разговара и договараат начини за соработка и за справување со енергетската криза и снабдувањето со струја.

Следниот самит на Отворен Балкан ќе се одржи во Тирана. (Од Белград: Соња Крамарска)