Се радуваме на оваа соработка со проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и на можноста да го поддржиме инклузивното образование“ – истакна Ралица Губерова, извршна директорка на Евроинс Осигурување

Основното општинско училиште „Блаже Конески“ од Општина Аеродром доби нова сензорна соба направена со донација на Евроинс Осигурување кон проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија. Ова е прва донација на Евроинс Осигурување за целосно опремување на сензорна соба, додека идната недела ќе биде пуштена во употреба и втората сензорна соба која е направена во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Аеродром исто така со донација на Евроинс Осигурување.

На отворањето на сензорната соба во ООУ „Блаже Конески“ присуствуваа првата дама – Елизабета Ѓоргиевска, претседателката на Советот на Општина Аеродром – Ивана Цветковска, Извршната директорка на Евроинс Осигурување – Ралица Губерова и претставници на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

„Општествената одговорност и поддршката за најранливите категории е еден од основните принципи на Евроинс Осигурување. Во таа насока е и оваа донација за опремување на сензорна соба наменета за учење и развој на учениците со попреченост. Се радуваме на оваа соработка со проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и на можноста да го поддржиме инклузивното образование“ – истакна Ралица Губерова, извршна директорка на Евроинс Осигурување

Првата дама – Елизабета Ѓоргиевска и претседателката на Советот на Општина Аеродром – Ивана Цветковска порачаа дека ваквите инфраструктурни подобрувања и вложувањето во инклузивното образование е прав чекор во насока на градење на инклузивно општество во кое секое дете ќе има еднакви шанси за образование и напредок.

„Најпрво би сакала да се заблагодарам на Евроинс Осигурување и на Општина Аеродром за донацијата и ангажираноста за да се направи оваа сензорна соба. Сметаме дека сензорната соба ќе помогне да се унапреди вклучувањето на децата со посебни потреби во секојдневните училишни активности и ќе претставува катче за индивидуална работа со децата со попреченост согласно наставниот план“ истакна Бранка Џајковска од проектот „Биди ИН“. Таа додаде дека Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој веќе цела година го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи во соработка со своите партнери „Инклузива“ и „Хандимак“, обединува повеќе различни чинители за постигнување на една цел – целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта.