Денешното судење против поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски е одложено, откако тој не се појави на рочиштето.

Судењето беше по приватната тужба за мобинг против Панчевски, поднесена од поранешниот раководител на одделението за човечки ресурси на судот, Горан Стаменковски.

– Имаме материјални докази и сведоци со кои ќе потврдиме дека Владимир Панчевски како поранешен претседател на Кривичниот суд Скопје 1, вршел мобинг врз Горан Стаменковски. И покрај тоа што Панчевски имаше уредна достава да се појави пред судот, тој не дојде што претставува игнорирање на судот како институција и кон нас како колеги – изјави адвокатот на тужителот, Душко Јанковиќ.

Според тужбата, Панчевски подолг временски период го прераспоредувал на други работни позиции и го казнувал. Тужителот морал и да исполни норма која не постои во праксата на судот, се наведува во тужбата.

Освен тужбата за мобинг, Стаменковски поднел и две кривични пријави против Панчевски и тоа за малтретирање во службата и за повреда на рамноправноста.