Обединетото Кралство и Франција ќе воспостават „воени центри“ низ цела Украина по прекинот на огнот за да овозможат распоредување на сили и да изградат безбедни објекти за сместување на оружје и воена опрема за поддршка на одбранбените потреби на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски присуствуваше на прес-конференцијата по состанокот на „коалицијата на спремните“ во придружба на францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, на самиот почеток тие истакнаа дека е потпишана декларација за намера која се однесува на распоредување на мултинационални сили во Украина во случај на мировен договор со Русија.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија и Франција ќе воспостават воени бази во Украина доколку се постигне мировен договор.
Тој нагласи дека е важно годината да започне со заеднички настап на европските и американските сојузници покрај украинскиот претседател, со цел постигнување траен мир.
Поблиску сме до таа цел од кога било досега, иако најтешките чекори сè уште се пред нас, рече Стармер, додавајќи дека денешната средба била многу конструктивна и се темели на значајниот напредок во преговорите во изминатите денови и недели.
Според него, целта на таканаречената „коалиција на спремните“ е да обезбеди траен мир и, во соработка со САД, да ја гарантира безбедноста на Украина на долг рок.
Стармер нагласи дека потпишаната декларација претставува клучен чекор бидејќи го отвора патот за правна рамка во која британските, француските и партнерските сили би можеле да дејствуваат на украинска територија.
Ова е дел од нашата силна и долгорочна посветеност кон Украина, рече Стармер, додавајќи дека распоредувањето ќе вклучува обезбедување на воздушниот простор и море на Украина, како и обнова и зајакнување на вооружените сили на Украина за во иднина.




