- Кандидатите за пратеници на коалицијата „За европска иднина“, во рамки на кампањата за парламентарните избори во сите населени места ќе ја презентираат програмата и нашиот јасен план за државата која ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање.
- Има обиди и мешање на трети страни не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија. Пред се` мисли на држави што не сакаат да ја видат Македонија како дел од ЕУ и коишто сакаат да имаме отворени прашања и отворени конфликти не само во Македонија туку и во регионот.
- Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската унија и таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската унија. Политичарите за време на избори даваат изјави што треба, што не треба. Јас останувам на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна. Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан.
- Програмата на Социјалдемократскиот сојуз претставува еден апсолутно логичен континуитет на тоа што го направивме во изминатите седум години. Во текот на тие седум години се разбира дека беа направени грешки и ако некој може да преземе одговорност за тие грешки тогаш тоа сум јас, бидејќи тој што работи може и да погреши, меѓутоа оној што утре ќе ги признае грешките тоа значи дека и може да се подобри. Пред се, тука мислам на потребата за понатамошно унапредување на животниот стандард на граѓаните, асо оглед на високите цени коишто ги имаме заради војната во Украина, потоа унапредувањето на владеењето на правото и на подобра борба против корупцијата и тоа се трите работи коишто најмногу ги загрижуваат граѓаните.
- Од друга страна, зацртавме јасна визија и јасен пат на Северна Македонија во Европската унија. Ние донесовме тешки одлуки како коалиција и како СДСМ за влез на државата во НАТО. Сега гледаме што значи да се биде земја членка на НАТО во време кога има конфликти на сите страни и во Европа и на Блискиот Исток и исто така, отпочнавме преговори со Европската унија со заштитен македонски јазик, заштитена македонска култура и заштитен македонски идентитет коишто веќе никој не ги доведува во прашање.
- Ветувањето за плата од 1.100 евра, 600 евра минимална плата, зголемување на пензиите, додатоци за младите и други мрки се продолжение на добрите економски политики што Владата на СДСМ ги имала во изминатите години.
- Како земја членка на НАТО и странските директни инвестиции се двојно поголеми од тоа што беа во 2016 година. Минатата година имавме 700 милиони евра странски директни инвестиции во однос на 300 милиони евра колку што беа во 2016 година. Воведовме поддршка на македонските компании за првпат и со 100 милиони евра обезбедивме економски циклус од половина милијарда евра инвестиции кај домашните компании.
- Во последните две години ние имаме најголема реализација на капиталните инвестиции што повторно создава работни места во државата и тоа е резултат исто така и на намалувањето на невработеноста од 25 проценти колку што беше во 2016 година, а денес имаме 12 проценти на невработеност и проектираме 7 проценти невработеност во 2028 година.
- Јас и партијата имаме многу јасен став по однос на потребата од носење на уставните измени бидејќи тие претставуваат една од обврските што ги има Северна Македонија во делот на Преговарачката рамка.
- Ние веќе имаме дел од други народи во Уставот и со вклучивање и на дел од бугарскиот народ, за првпат ќе се направи јасна дистинкција дека има македонски народ и делови од бугарски народ со што се побива старата вмровска теза дека ова е регион во којшто има еден народ во две држави.
- Очекуваме победа на изборите на нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски и мнозинство со кое што ќе формираат проевропска влада со која Северна Македонија ќе го исполни она што го очекуваат граѓаните. Важен ни е секој глас, знаеме што ги мачи граѓаните и ако некој треба да преземе одговорност за грешките што се направени, тогаш тоа сум јас.
- Над 61 пратеник ќе има коалицијата „За европска иднина“ и коалиционите партнери и ќе формираме проевропска влада со која Северна Македонија ќе има многу јасен правец во однос на тоа каде ќе се движи и како ќе обезбедиме подобар европски животен стандард за граѓаните.
- На првиот ден кога ќе формираме влада јас ќе поднесам уставни измени во делот на реформи на Судскиот совет, во делот на изборот, траењето на мандатите, што е тоа истакнат правник, начинот на санкционирање, оценување итн. на секој член на судскиот и на правосудниот и обвинителскиот систем. Истото тоа се однесува и на политичарите.
- Морам да кажам дека во овие изминати две години јас не можев да се посветам на персоналното однесување на дел од оние коишто управуваа со одредени ресори со оглед на тоа дека работевме во огромна криза и мораше 24 часа да работат тимови и на намалување на цените и на обезбедување на електрична енергија, на субвенционирање на електрична енергија.
- Претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори бидејќи претседателот на државата треба да биде независна интегритетна фигура која што ќе биде коректив на политичките партии којшто ќе ги претставува сите граѓани, а не да ги претставува политичките партии.
- Загрижен сум во однос на ставовите на политички противник ВМРО-ДПМНЕ. И сега, кога ќе ја видите нивната кампања, таму апсолутно не стои ништо во делот на интегрирањето со Европската унија. Тие предвидуваат некакви алтернативни сценарија, предвидуваат повторно некакви репреговарања со соседи, со ЕУ што е утопија, што немаат никаков контакт со реалноста и за тоа најдобра потврда им дојде од еврокомесарите кои кажаа дека европската преговарачка рамка е усогласена со сите 27 земји – членки, таа обезбедува заштита на македонскиот јазик, идентитет и култура и обезбедува преговори на Северна Македонија со Европската унија според Копенхашките критериуми.
Извор: Медиумска информативна агенција.