Партиите кои ќе учествуваат во предвремените парламентарни избори на 11.декември, доставија финансиски извештаи до Државната изборна комисија во законски предвидениот рок.
Според извештаите најмногу пари за предизборната кампања собрал СДСМ, вкупно 9.581.017 денари од вкупно 194 донатори, а помеѓу нив најголема сума донирале Бетиан Китев, потоа Рената Дескоска и Томислав Тунтев.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во својот извештај запишал 7.431.579 денари приход од 427 донатори, а од нив најмногу пари одвоил секретарот Кирил Божиновски, потоа директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и екс-министерот Миле Јанакиески.
Финансиски извештај за приходи и расходи на Политичките партии
Демократската унија за интеграција собрала вкупно 6.880.750 денари донации. Во извештајот на ДУИ има донации и од фирми.
ДПА првиот дел од кампањата го заврши со 602.000 денари и тоа од приватни лица, а најмногу пари дал лидерот Мендух Тачи.
ВМРО за Македонија според извештајот, собрала 1.843.500 денари.
Коалицијата за промени и правда во извештајот наведува дека има вкупни приходи од 1.448.300 денари, од кои донации се 948.300 денари, а 500.000 се други приходи.