Според информациите кои доаѓаат од кампот на репрезентацијата на Италија, Македонија има причина да се радува, бидејќи истакнатиот напаѓач Грациано Пеле е избркан од репрезентацијата за натпреварот во Скопје.

Оваа одлука доаѓа директно од тренерот Џампиеро Вентура, бидејќи Пеле на синоќешниот натпревар со Шпанија реагираше бурно бидејќи беше заменет, и одби да се ракува со стручњакот на клупата на Аѕурите.

Напаѓачот на кинескиот фудбалски клуб Шендонг Луненг, против Шпанија во четвртокот играше до 59.минута кога беше заменет со Чиро Имобиле.

https://www.youtube.com/watch?v=xOeRaLDBRtw

– Џампиеро Вентура, во согласност со Италијанската федерација, реши да го исклучи Грациано Пеле од тимот за мечот против ПЈР Македонија во недела на 9.октомври во Скопје, поради неодговорно однесување кога беше заменет на мечот со Шпанија, се вели во соопштението на Италијанската фудбалска федерација.

Пеле досега има одиграно 20 натпревари за репрезентацијата а дебитираше против Малта во октомври 2014 година. Има постигнато и 9 гола, вклучувајќи ги и трите на неодамнешното Европско првенство.

Огласувајќи се за одлуката на италијанскиот тренер, Пеле се извини.

– За жал, повторно направив грешка, напиша тој на социјалната мрежа Инстаграм. „Моето однесување е неприфатливо против тренерот и соиграчите, кои секогаш покажувале тимски дух во фантастичната група на играчи во која сите сме дел. Прифаќам целосна одговорност и искрено барам прошка од секој, пишува тој.