Третата рунда преговори помеѓу руската и украинската делегација попладнево почна во Белорусија.

Како што јави руската новинска агенција ТАСС, украинската делегација во Бјеловешка шума пристигнала со два хеликоптера.

Првите две рунди преговори исто така се одржаа во Белорусија на 28 февруари и 3 март.

Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков објави дека Русија ќе ги прекине воените операции во оној момент кога Украина ќе исполни неколку барања.

Тој прецизираше дека од Украина се бара да прекине со воената акција, да вгради неутралност во својот устав, да го признае Крим за руска територија и да ги признае народните републики Доњецк и Луганск како независни територии. Ова се најспецифичните услови што Русија ги истакнува откако на 24 февруари  почна, како што објави, специјална воена операција.

„Украина е свесна за условите и ѝ беше кажано дека сето ова може да запре моментално. Тие треба да стават амандмани во уставот со кои ќе се одбие приклучување на кој било блок“, кажа Песков.

Тој додаде дека Русија нема други тероторијални претензии кон Украина.

„Ние само ја завршуваме демилитаризацијата на Украина. Најважната работа е Украина да запре со воената акција. Мора да го измени уставот и да го признае статусот на Крим, Доњецк и Луганск. И тоа е тоа“, рече Песков.