Присутноста на Делта сојот од коронавирусот во земјава,иако до денеска во 10 случаи, како и претстојниот старт на  теренската имунизација и вакцинацијата без претходна пријава, повторно ја наметнува потребата од што поширока општествена акција за да се допре до поголем број на луѓе и точно да им се објасни со релевантни и издржани информации,што значи да си, и да не си вакциниран.Од контактите со дел од здравствените, политичките и верските чинители, сите без исклучок велат потребна е општа мобилизација, зашто Делта сојот е тука, покрај веќе присутните соеви на коронавирусот и со релаксирањето на мерките насекаде во светот и кај нас, неминовно е потребна будност и одговорност на повисоко ниво. Само така ќе си помогнеме сами на себеси да превенираме ширење на вирусот а со тоа и непосакуваните случаи со тешки и смртни последици.

Што превземаат партиите?

На прашањето од Нова Тв,  од СДСМ, информираат:„Во тек е масовна вакцинација којашто се спроведува ширум државата. Надлежните институции се целосно посветени на навремено и точно информирање на граѓаните за важноста од имунизацијата како и за целосната ситуација поврзана со коронавирусот.СДСМ како одговорна партија уште од почетокот на имунизација апелира на масовна вакцинација со цел заштита на секој еден како и на заштита на јавното здравје.Во перидов, СДСМ е во комункација со граѓаните и членството и преку маалските средби и граѓански трибини, на коишто секој претставник на партијата ја потенцира важноста за  вакцинирање на секој еден, со цел да граѓаните да се заштитат себе, нивните најблиски, но и да се одговорни и кон јавното здравје.Вакцините спасуваат живот, штитат од тешка форма на болеста и од смрт и затоа е потребно да бидеме одговорни и да ја поддржиме имунизацијата, наведуваат во одговорот од владејачката партија. Секоја политичка партија треба да повика на имунизација велат Социјалдемократите реагирајќи на ВМРО ДПМНЕ дека не ги повикуивале граѓаните да се вакцинираат но и го доведувале во прашање квалитетот и безбедноста на вакцините.

ВМРО ДПМНЕ наведуваат во одговорот:„Партијата на секој можен начин користи прилика да апелира, предупредува и нуди план и стратегија. Но, власта е ,,глува“ ги остави граѓаните на милост и немилост пред налетот на четвртиот бран од Делта сојот“.Партијата го повикува Министерот Филипче и натаму да набавува вакцини.

,,Дом како партија во која членуваат повеќе медицински лица, уште од самиот почеток на пандемијата спроведувавме строги протоколи, а и преземавме партиски акции на кои делевме маски, дезинфициенси и зборувавме колку е важна дистанцата. Истото го правиме и сега“ изјави за Нова ТВ, претседателката на ДОМ,Маја Морачанин.

„Најдобра вакцина е таа што ќе ја примите“ е мотото на Демократскиот Сојуз во борбата со Корона вирусот од каде за нашиот медиум претседателот Павле Трајанов вели:„Добро е Владата да обезбеди доволно количество, како што сега го имаме тоа за одредени вакцини, од сите видови, за да може граѓаните да бираат со која вакцина сакаат да се имунизираат. Кога им се наложува на луѓето, нормално е да се појави скепса кај некои од нив, дали е тоа најдобрата вакцина за него“ заклучува Трајанов.

Од партијата Беса за Нова ТВ велат:,,Вакцинирањето е многу битно во борбата со пандемијата ковид19, па како што се зголемува бројот на имунизација, опадна бројот на новозаразени. Со цел побрзо стекнување колективен имунитет, апелираме до граѓаните масовно да се вакцинираат.Со почитување на препораките од Здравствените институции ќе бидеме поподготвени за било каков предизвик во иднина“ изјавуваат од Беса.

И верските заедници повикуваат на вакцинација

Однесувањето на верските заедници може слободно да се окарактеризира како вистинска еволуција, од оваа временска дистанца.Ако на почетокот на пандемијата беа евидентни случаите за бркање на злото со верски ритуали во случаи кои осамнаа во одредени градови на државата и кога поранешниот поглавар на Исламските верници, предвреме прогласи дека болеста е победена,  сега и МПЦ ОА и ИВЗ се дел од пошироките заложби за што помасовна имунизација. Податокот дека речиси 100 одсто било вакцинирано свештенството на МПЦ ОА доволно говори за позицијата визави пандемијата. Неодамна Светиот Синод излезе со соопштение во кое се огради од ставовите на свештеникот Стеван Здравевски од Преспанско-Пелагониската епархија за ковид19, и поради тоа што не биле во согласност со Православната вера. Во соопштението, меѓу другото стои:

,,Светиот Архиерејски Синод на МПЦ ОА (САС), го поддржува процесот на имунизација на населението, сметајќи го за потребен во надминувањето на кризата со коронавирусот. Во меѓувреме се оградува од изнесените лични ставови на свештеникот Здравевски Стеван. САС апелира до верниот народ, свештенството и монаштвото, да не бидат воведени во заблуда од неговите погрешни ставови„ се вели во соопштението од Светиот Синод на МПЦ ОА.

И во Исламската верска заедница (ИВЗ) повеќето оџи и муфтии биле вакцинирани а давајќи личен пример на верниците, минатиот викенд во Куманово се имунизирале Поглаварот на ИВЗ, Реисот Фетаху и генералниот секретар Ирфал Јакупи, информира за Тв Нова, Јакупи.

Земјите носат и непопуларни мерки за масовна имунизација

Се повеќе земји во светот стравувата од појавата на третиот бран на ковид 19 и од Делта сојот кој забрзано се шири. И по симнувањето на најстрогиот локдаун кој беше во Велика Британија , минатата сезона, земјите многу претпазливо се опуштаат и му се враќаат на нормалниот живот или на она што значи ново нормално.

Дури и Американскиот претседател Џо Бајден неодамна им се обрати на Американците со молба да се вакцинираат.,Вакцинираните луѓе се патриоти“, додаде тој.

Некои од земјите преземаат непопуларни мерки во обидот за што помасовна имунизација.Туркменистан денеска соопшти дека кај нив вакцинацијата против ковид19 е задолжителна за лицата на 18 години. Исклучок ќе бидат лицата за кои здравствените работници ќе потврдат дека би имале контраиндикации.Оваа земја не пријави случај на инфекција од Корона вирусот но своевремено, воведе големи ограничувања.И соседната земја Казахстан воведе задолжителна имунизација.

Од регионот Хрватска е на самиот праг да воведе потврди за вакцинација кои ќе бидат услов не само за државната администрација туку и за Бизнис заедницата со се вработените, ако сакаат да бидат вклучени во владините програми за помош од финансиските пакети за ковид 19. Не се исклучува можноста во поедини сектори да се воведе задолжително вакцинирање.Во Хрватска имаат милиони вакцини на залиха а се вакцинират само од 4.000 до 5.000 дневно.

Во Македонија вакцинирањето против ковид 19 е на доброволна основа за сите граѓани и од јавниот и од приватниот сектор.

 

Мирјана Трпческа

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

.