Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска во Валета се сретнал со неговиот колега од Малта, Џорџ Вела, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Двајцата министри на средбата разговарале за приоритетите на Европската Унија, за интересот на членството на ЕУ да се доближи до граѓаните на Македонија и до останатите земји во регионот, како и за предизвиците од мигрантската криза.
На средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на билатералните односи и ангажманот на Малта, како земја претседавач со ЕУ да овозможи скоро започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Како што соопштуваат од МНР, Попоски на својот колега му рекол „Искуствено, се чини, дека една јасна европска перспектива ќе помогне многу повеќе, отколку илјада други обиди за помош однадвор во политичката криза“.
Министрите договориле да се интензивираат билатералните контакти и средби, како и зајакнување на соработката во претстојниот период.