Сенегал е првата африканска репрезентација што победи на Светското фудбалско првенство во Русија. „Лавовите од Теранга“, како што популарно ги нарекуваат, на „Откритие арена“ во Москва ја совладаа Полска со 2:1 и ги оживеаја спомените од пред 16 години кога со три бода го започнаа настапот на мундијалот во Јужна Кореја и во Јапонија по триумфот над Франција со 1:0. „Триколорите“ на тој турнир отпатуваа како бранители на титулата.
Водство за Сенегалците обезбеди Ционек со автогол во 37. минута, Нианг во 60. минута зголеми на 2:0, а почесниот гол за Полјаците беше дело на Криховјак во 86. минута.
https://www.youtube.com/watch?v=VyJlvUiUfoU
Во првиот меч во групата Х, претходно, Јапонија со 2:1 ја победи репрезентацијата на Колумбија кој од третата минута играше без исклучениот Санчез. Кагава беше сигурен егзекутор на најстрогата казна во 6. минута, Кинтеро во 39. минута возврати за Колумбијците кои, сепак, не успеаја да издржат до бод. Победничкиот гол за „самураите“ го постигна Осако во 73. минута.
Јапонија во второто коло, на 24 јуни, ќе игра против Сенегал, а Колумбија и Полска низ меѓусебна пресметка ќе бараат три бода за опстанок на Светското фудбалско првенство.
Полска – Сенегал 1:2 (0:1)
Стадион „Откритие арена“ во Москва. Гледачи: 44.190. Гл. судија: Наваф Шукрала (Бахреин). Асистенти: Јасер Тулефат (Бахреин) и Талеб ал Мари (Катар). Ж. картони: Криховјак (Полска); Сане, Гуеје (Сенегал). Стрелци: Криховјак 86’ за Полска; Ционек 37’ (автогол), Нианг 60’ за Сенегал.
Полска (формација 4-2-3-1): Шчесни – Рибус, Паздан, Ционек, Пишчек (Березински 83’) – Зиелински, Криховјак – Гросицки, Милик (Ковнацки 73’), Блашчиковски (Беднарек 46’) – Левандовски. Селектор: Адам Навалка.
Сенегал (формација 4-4-2): Х. Н’Диаје – Сабали, Сане, Кулибали, Ваге – Сар, Гуеје, А. Н’Диаје (Кујате 87’), Мане – Диуф (Н’Дое 62’), Нианг (Конате 75’). Селектор: Алиу Сисе.