Со потсетување на „мировниот диктат” од Трианон и на нештата пред 100 години, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан сака да ја концентрира нацијата околу неговиот лик – дома и во соседните држави, се наведува во текстот на „Дојче Веле“ посветен на унгарското прашање по мировниот договор за Првата светска војна.

„Не се работи за тоа да се откажат мировни договори или да се повлекуваат наново граници”, вели историчарот Ханос Рајнер.

За него споменикот Трианон во главниот град Будимпешта е, пред сè, место каде се оддава почит на еден мит за жртва, митот за „една нација која има претрпено толку удари, а сепак останала обединета“. Со тоа владата остварувала внатреполитички цели: нацијата да се врти околу лидерот, имено премиерот Виктор Орбан. Околу 16 милиони евра ја чинеше владата што тој ја предводи споменикот по повод 100 годишнината од мировниот договор, потпишан во втората година по крајот на Првата светска војна. Тој претставува еден вид рампа што води кон земјата на која на мермер се испишани имињата од 12.500 општини кои до 1920 година припаѓале на Унгарија.

Во дворецот Трианон делегациите на 4 јуни во 1920 година нго официјализираа намалувањето на поранешнито кралство на третина од дотогашната големина. Околу три милиони Унгарци одеднаш станаа граѓани на други земји. Големи делови преминаа во териториите на Словачка, на Украина, на Југославија, на Романија и на Австрија.

„Историјата не познава нација која преживеала таква загуба”, вели Орбан на почетокот на годината во обраќањето до нацијата. „Денес 100 години по смртната пресуда од Трианон може да ви кажам дека ние сме живи и Унгарија и натаму постои”.

Два милиони Унгарци во соседството

Денес околу два милиони лица со унгарско потекло живеат во соседните држави, најголемиот дел во романско Зибенбирген. Владата на Орбан меѓу Унгарците во дијаспората има верно гласачко тело со тоа што им даде двојно државјанство и право на гласање што во Братислава и во Букурешт се прима со нервоза.

Во пандемијата со корона, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто делеше заштитна опрема на сонародниците „оти секој Унгарец е одговорен за Унгарија”, како што се вели и во Уставот од 2012 година. Во ПР- видеа лицата пак се заблагодаруваат на владата во Будимпешта, „никаков вирус” не можел „да ги раздели Унгарците”.

Трианон е втората најголема траума на Унгарците, смета поранешниот австриски вицеканцелар Ерхард Бусек кој денес го води Виенскиот институт за Дунав и Средна Европа. Но, притоа заборавале „дека таму живееле не само Унгарци, туку значителен дел други луѓе”. Унгарските партии во Романија и во Словачка денес соодветно ги застапуваат интересите на малцинствата. Владата во Будимпешта вложува милиони во едукација, медиуми и спортски друштва – влог во изборното конто на Фидес.

Унгарец е оној кого Трианон го боли”

По актуелна анкета на Унгарската академија на науките, 84 проценти од околу 1.000 испитаници го делат мислењето дека Унгарец е „оној што го боли Трианон“, 94 проценти сметаат дека мировниот договор кој во официјалните документи се вика „мировен диктат” бил неправеден. Десноекстремисти сакаат ревизија на границите, како на пример Ласло Торошкај, градоначалник на српско-унгарската погранична општина Аштохалом, кој сака „договорот да се преиспита”.

Десничарското Светско здружение на Унгарците со години собира потписи за ревизија на договорот од Трианон, десни рок бендови како Карпатија имаат соодветни песни. „Нем, нем, соха“, односно „не, не, никогаш“ – тројното не (Триа-нон) од меѓувоените времиња повторно оживува на силните звуци. Молитвата што морале да ја кажуваат деца на школска возраст во време на владетелот Миклош Хорти меѓу двете војни („Верувам во воскресението на Унгарија”) е дел од нивниот сценски перформанс, а околу темата Трианон е настаната ревизионистичка субкултура.

Хорти – култ

Ова исто така вклучува и фан-култ околу унгарскиот меѓувоен владетел, кого премиерот Виктор Орбан го нарекува „исклучителен државник“. Витезот Хорти е поим за сила и ревизионизам. За да си ги поврати териториите кои ги загубил во 1920 година стапи во сојуз со Хитлер и со тоа постигна надворешно политички – краткорочен – успех: во две арбитражни виенски постапки од 1938 година и 1940 година, Унгарија доби дел од загубените територии назад, но по Втората светска војна се се врати назад на статусот од 1920 година. Источноунгарското место на Хорти, Кендереш денес нуди „Хорти – тури“ кои водат до локалниот музеј.

Тоа е дел од анти-левичарската политика на сеќавање, смета швајцарскиот историчар Кристијан Колер. Според оваа логика е добро „она што го надмина Советската Република“. Хорти го совлада 133 дена долгото левичарско судење со солдатеска, а се случија и погроми – „слепа точка“ во актуелната политика на сеќавања која го нагласува „црвениот терор“ на унгарската советска држава.

Тезата за Трианон како манипулација на странските големи сили се разликува денес кога Орбан зборува за „бриселска империја“ или за „Брисел, новата Москва“. Притоа постојано има конфликти со соседните земји (јазичен спор со Украина, двојно државјанство, барања за автономија на унгарските Секељи во Романија) – но, во секојдневието на владата во Будимпешта и е најважно од поранешните Трианон области да профитира политички.

„Изненадувачки, откривам дека наоѓаме заеднички јазик со Словачка, со Србија, со Хрватска и со Словенија“ како што вели Орбан во неговиот говор за состојбата на нацијата, „можеме да градиме и сојузи“ – на пример со четворката од Вишеградската група – Унгарија, Чешка, Словачка и Полска – блок од ЕУ земји членки.

Кога срцето не крвари

Со договорот од Трианон, Бургенланд (Градиште) ѝ припадна на Австрија. Градот Сопрон, по референдум во 1921 година остана во Унгарија.

„Ако исходот беше поинаков, тогаш Сопрон денес ќе беше главен покраински град и не Ајзенштат. Но, тоа немаше да промени ништо. Граничните линии ги „одродуваат луѓето“, вели Маријане Сепар.

Унгарката од Бургенланд раководи со унгарското културно здружение во Оберварт. Овде во близина на граница сите ознаки се двојазични. Сепер предава историја и унгарски јазик. Јазичната настава е законски задолжителна, а унгарското малцинство заштитено.

Со Унгарија, пред сè, ги поврзува „културолошка папочна врвца“, вели Сепер која редовно оди во театар во градот Шомбатели кој е во близина, па дури и во Будимпешта. Од темата Трианон се срами.

„Уште кога активно танцував, често бев канета на прославата за Трианон, но тоа секогаш беше премногу националистичко“, раскажува фолк-танчерката Сепер.

Таа не сака да има ништо со тоа „бидејќи срцето не ѝ крвари“. Таа се обидува своите ученици да ги научи нешто друго – дека државите кои водат војни треба да бидат одговорни за тоа и да го чуваат мирот. За неа Трианон во крајна линија е раѓање на ООН.