Работната група пак која е формирана од Министерството за правда интензивно работи на новиот Закон за здруженија и фондации. Со предлог-законот ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение. Се работи на подготовка на Законот, а се очекуваше до крајот на октомври да биде објавен на ЕНЕР каде што сите заинтересирани лица ќе можат да дадат свои мислења, забелешки и сугестии. Ќе следува и одржување јавни расправи. Целта на измените на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации, како и начинот на нивно финансирање.
Новиот закон освен овие ќе содржи повеќе измени, кои се однесуваат дополнително на делот за именувањето на Здруженијата.
Ова веќе беше соопштено од Министерството за правда на 7 октомври, дента кога беше отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Измените на Законот треба да донесат итно решение со цел да се спречи евентуално отворање нови здруженија со спорни имиња, како што тоа беше случај со здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Според нив, затоа се оди со ова решение, преку пратениците по скратена постапка да се донесат измени во актуелниот, односно постојниот закон со кој ќе се превенираат ситуации, какви што имавме неодамна.
Овој Закон важи за еден од оние каде што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“ имаат синхронизиран став како „отпор кон фашизмот“.
Инаку, работната група на Министерството за правда е формирана уште во март оваа година.
Според материјалот доставен до Собранието, ВМРО-ДПМНЕ во измените на Законот предлага измена на ставот 2 од членот 4 на актуелниот Закон и тој да гласи:
„Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“,
Во членот 8 се додава нов став 4 кој гласи: „Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.“
„Организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ 52/10, 135/11 и 55/16) се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар на РСМ. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ 52/10, 135/11 и 55/16) кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите,во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон“.
Се очекува во наредниот период конечно да се формира собраниската Комисија и законското решение најпосле да биде достапно за јавноста и да превенира натамошни ескалации со „спорните“ имиња.