Претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање порача дека во  решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија не треба да се брза, затоа што, како што вели, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник.

Наместо тоа, порача Пендаровски, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.

На почеток од обраќањето Пендаровски ги повика присутните да им оддадат едноминутна почит на нашите сограѓани кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од ковид -19.

– Исклучително ми е тешко, втора година по ред, да го започнувам моето годишно обраќање во Собранието со оддавање почит на нашите граѓани кои повеќе не се меѓу нас. Серијата на ужасни лични трагедии и колективни трауми на нацијата треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции, затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор, системски пропусти или прекршени правила, рече Пендаровски.

ВО ДРЖАВАТА ВЛАДЕЕ КУЛТУРА НА НЕКАЗНИВОСТ

Претседателот прво се осврна на реформите во сферата на владеењето на правото, кои како што рече, се далеку најважниот приоритет за државата и според моја проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел.

И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај.

– Најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата. Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела. Големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи. Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат “брза и ефикасна” правда, рече Пендаровски.

Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста, според Пендаровски, е најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда.

– Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот. Со други зборови, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето кои се истуркани на периферијата на животот, додаде Пендаровски.

Иако здравствената и енергетската криза, додаде тој, притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мораме да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори.

– Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите, потсети шефот на државата.

Пендаровски зборуваше и за новите безбедносни предизвици и укажа на една потенцијална опасност со која се соочуваат и многу држави, далеку поразвиени од нас и во економска и во демократска смисла.

– Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед, рече претседателот.

Тој се осврна и на департизацијата на институциите во сферата на одбраната и безбедноста. Политиката мора да ја држиме што подалеку од армиските редови и од службите, порача тој.

НЕПРАВЕДНО БЛОКИРАНИ, РАЗОЧАРАНИ И ОПСЕДНАТИ

Посебно внимание претседателот посвети на неправедните блокади на земјава на патот кон евроинтеграциите.

– Откако нашиот пат кон Европската унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, порача Пендаровски.

Тој додаде дека од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.

– Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, рече претседателот. 

Во врска со блокадата на европските интеграции, Пендаровски реферира и на  тезата дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата:

– Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската унија сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите.

Немаме дилема, додаде тој, околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока.

– Да повторам, нашите граѓани можат да бидат спокојни, и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат. Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008-та не учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија. Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир, вели Пендаровски.

Според него, преголемата фокусираност на преговорите со ЕУ го фрлија во втор план, она што е суштина во меѓународните односи, процесите на градење на добри билатерални односи, пред се, со земјите со кои споделуваме исти цели и вредности.

– Оттука, во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание на билатералните релации кои опфаќаат многу повеќе аспекти, отколку само поддршка за членство во Европската Унија.

МКД 2030

Претседателот рече дека пред две години, токму од ова место, го најавил проектот МКД 2030 кој, како што посочи, беше замислен да ја постави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години.

– За жал, поради пандемијата, како и кај многу други проекти, работата на овој документ беше забавена, се разбира, не и заборавена. До овој момент, во рамките на повеќето работни групи кои се активни, свој придонес дадоа истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите, и од власта и од опозицијата. Иако светот изминатава година беше во карантин, ангажиравме и десетина истакнати интелектуалци од странство и од нашата дијаспора, за што на сите искрено им благодарам – истакна Пендаровски.

Сите тие, како што посочи шефот на државата, имаа комплексна задача пред себе, затоа што членството во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, додека во исто време регионот на Западниот Балкан полека, но, сигурно започна да излегува од стратешките перспективи на големите сили. Пандемијата, како што додаде, ги изложи на увид на јавноста сите системски слабости на општествената инфраструктура, како и областите во кои е потребно инвестирање како подготовка за пост-ковид светот.

– Документот ќе содржи проценка на нашите силни, но, и слабите страни кои ќе бараат повеќе инвестиции и човечки капитал, со препорака каде да ги фокусираме нашите напори, со крајна цел, подобар живот за сите. При тоа, МКД 2030 ќе акцентира повеќе меѓузависни теми и области, од дигитализацијата, децентрализацијата и демократизацијата, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, сè до образованието и науката и борбата против масовното иселување на младите, додаде Пендаровски.

ИРАЦИОНАЛНИ БАРАЊА

Пендаровски зборуваше и за децениските оспорувања на нашиот идентитет велејќи дека нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство.

– Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, истакна претседателот.

Ние, како што истакна шефот на државата, имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа, како што посочи, е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.

Според него, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот во своите обиди за меѓународна афирмација.

СО ЗАЕВ БИЕВМЕ БИТКИ ЗА СЛОБОДА И ПРАВА

На крајот од годишното обраќање претседателот Стево Пендаровски го прокоментира повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого, како што рече, во изминативе десет години „заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права”.

– Иако не спаѓа во моите надлежности, ќе ми дозволите, сосема кусо да го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого во изминативе десет години заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права. Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата, вели Пендаровски.

Сакале или не, додаде претседателот, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот.

– Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето. Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме, порача Пендаровски.

С.М.