Секој, кој со своите постапки, директно или индиректно го попречува спроведувањето на правдата, станува соучесник во криминалот кој се сака да се покрие и да помине без да се казни. Тоа не смее да се дозволи, бидејќи токму тогаш, државата ќе ја снема!
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Додека земјата врие од протестите за заедничка но сепак “чиста” Македонија во која “клетите шиптари” треба да знаат одредени работи, и додека малолетни “ќосиња” дивеат по Скопје, ДУИ одлучи да ги стесне своите легендарни пет опции во само една долгоочекувана одлука: да влезе во влада предводена од СДСМ. И сега само по себе се поставува суштинското прашање: “А где је мандат?!” Ех, за тој пусти мандат сите наши пријатели и стратешки партнери го научија напамет членот 90 од нашиот Устав и секојдневно му го повторуваат на Иванов, де Хан, де Могерини, де Бејли, но тој сепак, има некои свои дилеми: некако рокот како да му е истечен на тој мандат па не знае што да прави, па и да сака да го даде истиот не може – оти Груевски не го вратил, а најмногу од сé се плашел од некоја “туѓа платформа потпишана во туѓа држава” која пак воопшто не му беше проблематична првиот пат кога го довери мандатот. Очекувам кај и да е и Иванов да излезе со најмалку пет опции во врска со тоа што може да се прави со мандатот, секако, откако истиот првин ќе биде пронајден.
Јас би сакала да се осврнам на петте флагрантни правни грешки што професорот од најстариот правен факултет во земјата ги направи со недоверувањето на мандатот на Заев откако истиот ги поднесе 67те потписи на пратеници со што јасно докажа дека има мнозинство во собрание.
- Како носител на фунцијата Претседател на РМ, Иванов го прекрши членот 90 на Уставот кој утврдува дека: “Претседателот на Република Македонија е должен (значи не пишува “може”, “има право”, ниту “ако сака” туку пишува “Е ДОЛЖЕН”) во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.” Точка. Тука завршува формалната должност на претседателот на една парламентарна демократија кој во облик на формален чин го доверува мандатот додека пак мандатарот според истиот член: “во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.” Сé што Иванов треба да направи во овој случај е само да се увери дека постои парламентарно мнозинство. Бидејќи во случајов Заев го докажа постоењето на парламентарното мнозинство со доставувањето на 67 потписи на пратеници, задачата на претседателот на државата беше потполно спроведена и мандатот мораше да биде доверен. Сé што оди преку ова претставува кршење на членот 90 на Уставот на РМ.
- Со тоа што на Иванов не му беше доволно да утврди дека постои парламентарно мнозинство според потписите што Заев му ги достави (според негово претходно барање) па почна да ја истражува и политичката платформа на албанските партии како и можноста истата да биде прифатена од Заев како мандатар, тој (Иванов) грубо навлезе во ингеренциите на законодавната власт кршејќи го начелото на поделба на власта. Имено, како што објаснив погоре, програмата и составот на владата како и било каков политички договор поврзан со тоа ги оценува Собранието на РМ пред да ја изгласа новоформираната влада. Претседателот на државата во една парламентарна демократија нема никаква надлежност ниту право да даде такви оценки. Тоа што тој го направи е целосно прекршување на членот 90 на Уставот на РМ кој јасно утврдува дека Собранието го оценува програмата и составот на владата. Освен тоа, Иванов констатираше дека прифаќањето на платформата на албанските партии, за која тој рече дека била пишувана и потпишана во туѓа држава, претставува извршување на кривичното дело Загрозување на независноста на РМ од членот 308 на Кривичниот законик на РМ, бидејќи според него, ваквиот чин го доведува Македонија во состојба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Кривичните дела ги гони јавното обвинителство, а не претседателот на државата. Кривичните дела се докажуваат пред независен суд а не пред претседателот на државата. Претседателот на една парламентарна демократија не е ни апсолутен монарх ниту пак врховен судија за да пресуди за наводни кривични дела и да го толкува според неговата воља Кривичниот законик. Додека органите на правосудството на една држава не покренале истрага во врска со некое дело, истото практично не постои во казнено-правната реалност. Јасно се гледа дека со ваквото постапување Иванов, како претставник на извршната власт флагрантно навлезе во законодавната и во судската власт, прекршувајќи го бессрамно членот 8 на Уставот на РМ кој поделбата на власта го брои меѓу темелните вредности на оваа држава.
- Во целиот процес околу доделувањето на мандатот после изборите од 11 Декември 2016 година, Иванов воведе двојни стандарди и направи дискриминација врз основа на припадност на политичка партија, што претставува прекршување на членот 9 на Уставот на РМ, според кој сите граѓани се еднавки пред Уставот и законите. Кога првпат го довери мандатот на Груевски, Иванов не се увери претходно дека тој има мнозинство во собрание ниту пак побара било каков доказ дека такво мнозинство постои. Едноставно, му го довери мандатот, а сепак, Груевски не успеа да формира влада. Кога потоа, требаше да го довери мандатот на втората партија, Иванов ги смени правилата и побара доказ дека потенцијалниот мандатар има мнозинство во собрание, па дури одреди и дополнителни услови поврзани со оценувањето на програмата на владата и политичкиот договор меѓу потенцијалните коалициски партнери, што, како што се објасни погоре, излегува целосно од надлежностите на претседателот. Како резултат, Иванов одби да му довери мандат на Заев повикувајќи се на платформата на албанските партии. Оваа платформа беше објавена на 7 Јануари, а Иванов му го довери мандатот на Груевски на 9 Јануари 2017 година. Од него не побара почитување на територијалниот интегритет на земјата ниту пак го спомна прифаќањето или неприфаќањето на платформата, додека пак на Заев не му даде мандат повикувајќи се токму на прифаќањето на оваа платформа која постоеше и порано. Ова е чиста дискриминација врз основ на политичко убедување и припаѓање на политичка партија за што се носи одговорност за кршење на уставна норма.
- Со тоа што Иванов како претседател на државата свесно и намерно го наруши уставниот поредок на земјата оневозможувајќи правилно и демократско функционирање на државните институции избрани од граѓаните, тој се појавува како сторител на низа кривични дела против државата и против службената должност и овластување. Прво, неговото поведение наликува на извршување на кривичното дело Саботажа од член 315 на КЗРМ кое го извршува тој што во вршењето на својата работна обврска со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на РМ на прикриен, подмолен или друг начин, ќе предизвика значителна штета за државен орган, установа или правно лице. Понатаму, во соработка со Груевски, кој пред само неколку дена отворено ги повика граѓаните да се противат на формираното парламентарно мнозинство и да ја “одбранат” државата која според него, ќе ја снема единствено заради тоа што власта ќе се смени (што е потполно нормално според демократскиот уставен поредок на една земја), Иванов, со недавањето на мандатот, станува соучесник во делото Велепредавство од членот 305 на КЗРМ што подразбира употреба на сила или сериозна закана во обид да се измени уставниот поредок на РМ или обид да се соборат највисоките државни органи. Според уставниот поредок на РМ, менувањето на политичката власт е нормална работа и резултат на демократски избори и на обезбедување на парламентарно мнозинство. Секој обид, со сила да се менува таквиот уставен поредок влегува во рамката на кривичното дело Велепредавство кое популарно е познато под името државен удар или пуч. Понатаму, според начинот на кој ја образложи својата одлука да не го довери мандатот на Заев, Иванов јасно предизвика омраза, раздор и нетрпение врз национална основа меѓу граѓаните на РМ бидејќи гласовите на етничките македонци ги прогласи како поважни и повредни во однос на гласовите на етничките албанци во оваа земја. Ова дело е казниво според членот 319 на КЗРМ. И секако, не смееме да заборавиме дека сето ова Иванов го прави како носител на јавна функција, со што извршува дело Злоупотреба на службената должност и овластување според членот 353 на КЗРМ. Сите овие дела се тешки кривични дела против државата и против службената должност за кои не е доволно само сносење на морална и политичка одговорност во вид на импичмент, туку следи и кривична одговорност. За жал, моментално во РМ нема ни јавен обвинител ниту пак суд кој ќе ги истражува и суди овие дела на Иванов. Останува да се надеваме дека еден ден, ќе има правда и ќе има мир во оваа земја.
- Петто, но не помалку важно: намерното сеење и ширење на меѓуетничка омраза е сериозно и многу штетно дејствие во секоја мултиетничка држава. Омразата раѓа омраза, а Македонија е дел од еден регион во кој таквата меѓуетничка омраза често ескалирала во крвави конфликти со тешки последици по цивилното население, кои се познати и во Кривичниот законик на РМ но и во меѓународните документи како кривични дела против човечноста и меѓународното право. Да не заборавиме дека токму заради такви дела во 1994 беше формиран Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија а во 1998 Меѓународниот кривичен суд. Доколку вака поларизираната меѓуетничка тензија во Македонија ескалира и резултира на поголем конфликт меѓу граѓаните со жртви од цивилното население, тоа може да ги доведе Иванов и другите високи функционери на државата пред меѓународна кривична одговорност од каде не ги спасува ниту нивниот имунитет ниту пак нивната недопирлива позиција што реално ја имаат пред домашното правосудство.
Сепак, не е ни прв пат а нема да биде ни последен пат што Иванов флагрантно ги крши Уставот и законите на оваа земја. Се надевам дека ова ќе биде доволна причина макар и симболично да се иницира постапка за импичмент за човекот кој претендира цел живот да ги користи привилегиите на функцијата што ја носи толку незаслужено. Време е макар и симболично да му се постави дамката на соработник во злосторот на овој човек што за помалку од една година направи две суштински прекршувања на Уставот со цел да го покрие криминалот од големи размери кој се случил во државава.
И сосема на крај, правни но и политички решенија за случајот има полно и лесно може да се наоѓаат, меѓутоа, сево ова губи ценето време за воспоставувањето на правдата во оваа земја. Да не заборавиме дека токму вмешувањето во висок криминал на сите поважни институции на земјата се главната причина што доведе до предвремени избори и до ситуацијата во која сега се наоѓаме. Се додека кривичната одговорност не се воспостави како главен приоритет, тешко дека ќе се спроведе и реализира било кое човеково право во оваа држава. Затоа, за редот и мирот бидат обезбедени, правдата и кривичната одговорност мора да профункционираат и да се воспостават еднаш за секогаш како главни начела на власта.
Секој, кој со своите постапки, директно или индиректно го попречува спроведувањето на правдата, станува соучесник во криминалот кој се сака да се покрие и да помине без да се казни. Тоа не смее да се дозволи, бидејќи токму тогаш, државата ќе ја снема!