Бојан Јовановски познат како Боки 13 вечерва е спроведен во истражниот затвор во Шутка каде ќе остане 30 дена. Претходно Зоран Милевски Кичеец исто така доби 30 дена притвор.
-Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд денеска беа спроведени две лица со предлог за определување мерка притвор.
По произнесувањето на спроведените лица и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и донесе решенија со кои на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена со оглед да смета дека се исполнети условите од член 165 став1 точки 1,2 и 3 од ЗКП. Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет – пишува во соопштението од Судот.
Јавното обвинителство отвора истрага против Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески познат како Зоки Кичеец, за примање награда за противправно влијание и за перење пари.
Обвинителството водело предистрага за овие две лица од 2 мај годинава, а прибраните вербални и материјални докази веќе се основ за да се поведе истрага – рекоа на прес конференција во Јавното обвинителство. Случајот во обвинителство го пријавило лице кое сега е сведок во постапката.
Првоосомничениот Бојан Јовановски од ноември 2018 до април 2019 искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител ветувал дека ќе запре истражна постапка која се водела против сведокот. Двајцата осомничени неколкупати се сретнувале со сведокот во неговиот дом и во домот на првоосомничениот, а контакти имало и преку сопругата на сведокот.




