„Пациент“, „Странски служби“, „Рентген“, „Продуцент“, „Актор“ , „Базни станици“, „Пропаганда“,„Тарифа 2“ и „Транспортер 2“ – што се случува со овие истраги со звучни имиња што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, собираат ли прав во нечии фиоки – се чека ли да застарат?

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи обвинителката Вилма Русковска за Нова ТВ вели дека постапува по сите предмети што ги презеде од поранешното СЈО, но дека за некои од нив е потребно и дополнително време за постапување ако станува збор за предмети во кои се бара и меѓународна правна помош.    

Во предметот „Рентген“ каде беше осомничено едно лице, по спроведената истражна постапка е донесена Наредба за запирање на истрагата бидејќи делата што му се ставаат на товар на осомничениот не се кривични дела што се гонат по службена должност.

На 8.11. 2021 година до Основниот кривичен суд – Скопје е поднесен обвинителен акт против две лица во предметот „Продуцент“. Обвинителниот акт е одобрен и предметот оди во судска постапка, за 21.01.2022 година беше закажано првото рочиште, но не се одржа поради отсуство на еден од обвинетите.

Предметот „Актор“ во кој се осомничени 11 физички и четири правни лица е во истражна постапка, се очекува постапување по побараната меѓународна правна помош од Грција.

– Вообичаено постапките во кои се бара меѓународна правна помош бараат време за постапување, но во овој случај се неопходни, дотолку повеќе што во предметот поголемиот број од осомничените се странски државјани и странски правни лица, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал.

 За предметот „Странски служби“ на 20 април 2021 година беше поднесен обвинителен акт против едно лице, додека за второосомничениот истрагата е прекината поради недостапност. Предметот е во судска постапка и е закажано рочиште за 6.4.2022 година.

Предметот „Пациент“ е во фаза на подготвување на обвинение против 14 лица откако за едно лице во април 2020 година беше запрена истрагата.

Предметот „Пропаганда“, опфаќа девет осомничени лица сторители на повеќе кривични дела и е во истражна постапка.

Во текот на досегашното постапување е прибран обемен доказен материјал за кој во наредниот период ќе биде донесена Наредба за вештачење, по вештачењето јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката.

  За предметот „Хармонија“ во кој беа осомничени три лица во 2020 година е донесена Наредба за запирање на истражната постапка бидејќи делата што им се ставаат на товар на осомничените не се кривични дела што се гонат по службена должност.

Пред околу две години ( 4.12.2020) е донесена Наредба за запирање на истражната постапка во предметот „Базни станици“ поради настапување на други околности што го исклучуваат кривичното гонење, во случајов – смрт на осомниченото лице.

Во предметот „Подарок“ во кој се осомничени три лица за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип е побарана меѓународна правна помош и се постапува, но е потребен подолг временски простор поради  правната помош од странство.

Предметот „Табла“ правосилно е завршен со пресуда врз основа на признание на вина, со која на осудениот му е изречена алтернативна казна – условна осуда со која му е утврдена казна затвор од 2 години, која нема да се изврши доколку во следните 5 години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

„Транспортер 2“ е продолжение на предметот со исто кодно име и во него истрагата беше проширена на три лица – директори на основни училишта што не биле опфатени со првичната истрага. За овој предмет надлежниот обвинител поднесе обвинителен акт против 10 лица и тој на 18.11.2021 година беше одобрен и предметот е во судска постапка. Закажано е рочиште за 24.2.2022 година.

Во предметот „Тарифа 2“ обвинителниот акт против едно лице е поднесен на 24.12. 2020 година и одобрен на 16.2.2021 година, предметот е споен со предметот „Тарифа1“ кој беше вратен од почеток. Досега во постапката се дадени воведни зборови од страна на обвинителството. Наредното рочиште е закажано за 18.3.2022 година.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески многу пати досега уверуваше дека ниту еден случај нема да биде оставен да пропадне, ниту пак некој ќе биде амнестиран. По препораката на амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз да се забрзаат постапките на поранешното СЈО, како што објавивме претходно, Основното јавно обвинителство, тврди дека се постапува континуирано и посветено работи сите овие предмети што поскоро да се завршат.

Стојанка Митреска