Протест на граѓани се одвива пред општина Аеродром каде Советот попладнево ненадејно одлучи да расправа за донесувањето на спорниот Детален урбанистички план со кој се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар. Овој урбанистички план еднаш веќе беше повлечен поради протестите на жителите.

Граѓаните се собираат пред општинската зграда додека советниците расправаат за донесувањето на планот што како вонредна точка на дневен ред во последен момент ја стави градоначалникот Ивица Конески. Ова се случува непосредно пред крајот на мандатот на овој состав на општинскиот совет и на градоначалникот Конески.


Советникот Златко Марин на својот фејсбук профил повика на граѓански отпор.

„Овој ДУП е оној со кој што ќе се предизвика еколошка катастрофа во Аеродром. Со него се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар За овој ДУП имаше голем граѓански отпор преку акцијата Аеродром сака да дише. Апелирам граѓаните и медиумите да го следат ова самоволие на Коневски, бидејќи ова не смееме да дозволиме да се случи. Најавувам силен отпор на ваквата одлука и борба до крај!“, напиша на својот фејсбук профил советникот Златко Марин.