Со читање на резолуцијата, која што ќе им биде доставена на премиерот, претседателот на државата и во грчкиот Парламент, попладневно заврши протестот на плоштадот Синтагма во Атина под мотото „Македонија значи Грција“.
– Да се исклучи секаква можност за користење на грчкото име Македонија и изведените зборови, кое е еднакво со името Грција и е нераскинлив елемент од националниот идентитет, бараат организаторите во нивната резолуција.
Протестот се одвиваше под силни безбедносни мерки, за што беа ангажирани повеќе од 19 илјади полицајци. Од сите делови на земјата, организирани со 283 автобуси, учесниците пристигнаа во грчката престолнина, а како што соопшти тамошната полиција, присуствувале 140 илјади граѓани.
– Од 12 часот се одржува собир со учество на околу 140 илјади граѓани во делот на плоштадот Синтагма, на површина од околу 50 илјади метри квадратни, соопштуваат од грчката полиција, пренесува МИА.
Освен плоштадот Синтагма, сите централни улици се преполни со народ. Движењето меѓу народот е тешко, велат известувачите, нешто што не било случај на другите протести во Атина во изминатите години.
На протестот доминираа паролите што беа слушнати и на протестото во Солун, дека „Македонија е грчка“, а присутните меѓу кои и пензионери и родители со мали деца носеа национални знамиња.
Меѓу граѓаните се и поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, пратеници од опозициската Нова демократија, префектот на областа Централна Македонија, како и лидерот на партијата Сојуз на централисти.
„Денеска како што гледате, на Синтагма чука срцето на Грција. Веќе се собрани илјадници граѓани и покрај тоа што метрото е затворено, луѓето се собираат, говорат за Македонија, говорат за Грција“, изјави Адонис Георгиадес од Нова демократија.
„Оваа слика говори за единството и одлучноста на грчкиот народ кој масовно излезе. Се недевам дека сите ќе разберат што ова значи“ рече поранешниот премиер Андонис Самарас.
Теодоракис побара референдум
Но сепак, како еден од главните говориници беше познатиот грчки музичар и композитор Микис Теодоракис, кој досега во повеќе наврати во јавноста демонстририраше ригиден и националистички став во однос на преговорите.
Теодоракис прв се обрати на големиот протест во Атина. Тој упати остри критики до грчката влада, но и до нашата земја.
– Ако една грчка влада помисли да го стави потписот на земјата за сложено име, нема друг избор освен да го праша грчкиот народ. Упатувам повик до пратениците, кои го имаат тоа право да побараат референдум, рече Теодоракис.
Посочи дека тој и грчките граѓани не прифаќаат да бидат пасивни набљудувачи во период кога земјата се наоѓа во толку критичен момент.
– Јас сум патриот, го презирам и се борам против фашизмот во сите негови облици,но и во најопасниот облик – левоориентираниот, порача грчкиот композитор.
Во однос на прашањето за името ја спомена одлуката од 1992 на советот на лидерите на политички партии, под патронат на тогашниот претседател, кога беше одлучено терминот „Македонија“ да не биде вклучен во името.
– Кое било отстапување од оваа позиција ќе има катастрофални резултати за земјата, рече Теодоракис.
Во своето обраќање 93-годишниот грчки композитор, на граѓаните им порача дека се борел за единство на народот и дека „треба со овој проблем да се соочиме обединети“.
„Мики, ја менуваш историјата“, скандираа присутните, додека говореше грчкиот композитор.
Веднаш по говорот на Теодоракис, на присутните им се обрати митрополитот Доротеос како претставник на Светиот синод на ГПЦ.
“Црквата не може да прифати термин Македонија или било каков дериват како составен дел на името на друга држава”, изјави митрополит Доротеј.
Претходно, непознати напаѓачи фрлиле боја врз куќата на Теодоракис, а одговорноста ја презедоа анархисти. Тие го осудија Теодоракис затоа што застанал со „националистите и патриотите“ игнорирајќи ја работничката класа во земјата која секојдневно е напаѓана со разни закони и мерки.
Судир на демонстрантите и контрадемонстрантите – полицијата фрли солзавец
Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите одржаа контра протест, односно, како што рекоа, антифашистички собир.
Како што јавија грчките медиуми, демонстраните-ривали се судриле во центарот на Атина за време на големиот протест на плоштадот Синтагма. Според извештаите, полицијата користела солзавец за да ги раздвои групите на демонстранти. Многу од нив, носеле кациги и грчи знамиња.
Грчките медиуми шпекулираат дека станува збор за членови на десничарската Златна Зора, чии лидери биле исто така на протестот.
Коѕијас се огласи на Твитер
Протестот преку твитер го коментираше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. На неговиот профил напиша дека „рејтинг агенциите денеска добија демант“ и упати критики до опозициската Нова демократија.
– Продолжувам, со мирна совест и одговорност да преговарам за доброто на татковината, напиша Никос Коѕијас на твитер, објави МИА.